Психолошка поддршка и советување за учениците од „Песталоци“ по убиството на Вања Ѓорчевска
- Детали
- понеделник, 04 декември 2023
Децата, родителите и наставниците во наредниот период ќе можат непосредно да разговараат со психолозите кои се во училиштето за да им дадат поддршка во справувањето со болката, тагата, стравот и измешаните емоции.
Еден ден откако во јавноста се дозна за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, која беше 9-то одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, од училиштето најавија советување и психолошка поддршка за учениците.
На нивната Фејсбук страница тие најавија дека во наредниот период не само учениците, туку и нивните родители ќе може да разговараат со стручни лица за тоа како да се справат со емоциите.
„Во овие тешки мигови, кога тагуваме по Вања, сакаме да потенцираме дека училиштето е безбедно место во кое децата можат да добијат психолошка поддршка и советување.
Денеска се одржа редовна настава за учениците од прво до петто одделение, додека со учениците од шесто до деветто одделение работеа одделенските раководители со цел да им се даде поддршка и помош во справувањето со болката, тагата, стравот и измешаните емоции.
Децата, родителите и наставниците и во наредниот период ќе можат непосредно да разговараат со психолозите кои се во училиштето за да им дадат поддршка.
Во целиот процес се вклучени и надворешни стручни лица, психолози и психијатри, со цел да им се помогне на учениците, но и на родителите, да се соочат со траумата и да го сочуваат менталното здравје“, велат од училиштето.
Таму денес беше отворена и книга на жалост во чест на Вања.
А. Ј. | Црнобело