„Наставниците не умеат да ја решат оваа задача Вања, не знаеме како да се поздравиме“ – „Песталоци” и македонската јавност тагуваат
- Детали
- понеделник, 04 декември 2023
„Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме...“ – стои во објавата на официјалната Фејсбук страница на училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје. Соучениците и наставниците, но и целата македонска јавност се простуваат од девојчето чијшто живот прерано згасна.
Тага, неизмерна болка и неверување... Македонија е обвиена во црно откако беа објавени вестите дека телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска е најдено во близина на Скопје и дека на девојчето му бил одземен животот.
„Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања.
Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме...
Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца.
Со неизмерна болка и љубов, твоите наставници и соученици, најмила Вања!“ – стои во објавата на официјалната Фејсбук страница на училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје.
Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме... Нека ти...
Posted by Општинско основно училиште „Ј. Х. Песталоци“ - Скопје on Sunday, December 3, 2023
Освен соучениците и наставниците, со пораки за сочувство до семејството се огласува и целата македонска јавност.
Голем број јавни личности во земјава на социјалните мрежи објавија црни фотографии и упатија сочувство до семејството на девојчето.
Музичката група „Нокаут“ синоќа имаше концерт, но по објавувањето на веста за Вања, концертот беше прекинат, а на нивната Фејсбук страница стои појаснување:
„Синоќа за прв пат во кариерата, Нокаут прекина концерт. После веста за Вања и Панче, никому не му беше до песна. Само молк, тага, гнев и неверување.
Ви благодариме на сите што дојдовте вчера. Ниту еден музичар не би посакал концертот наместо со аплауз да му заврши со едноминутно молчење.
Искрено сочувство до семејствата на починатите. Сите тагуваме со нив.
Нека почиваат во мир“.
https://www.facebook.com/photo.php?fbid=909891023839012&set=pb.100044543674629.-2207520000&type=3
Со емотивни зборови, познатите се простуваат од девојчето, по кое целата македонска јавност трагаше повеќе од една седмица и сите живеевме во надеж дека Вања ќе биде најдена жива и здрава.
„Нема зборови за оваа страшна трагедија, сите сме многу гневни и многу тажни... Почивај во мир мило девојче“ – напиша Каролина Гочева.
„Не сметам дека е време за било какви 'сториња'. Многу тешко, траорно и мачно да се поднесе. Моите мисли се со најблиските на Вања“ – напиша Миа Костова.
„Тага, горчина и срам, затоа што сите сме виновни... Затоа што сме неми набљудувачи на ова грдо време кое дозволивме да стане агонија за нашите деца... Прости ни девојче... Прости ни Вања... Сочувство до фамилијата... Сѐ останато е молк... “ – напиша Калиопи.
https://www.instagram.com/p/C0aHR5-IkLR/