Таско со емотивна исповед: „Се обвинував себеси што го изгубивме првото бебе, пред да се роди Лукијан ни кажаа дека можеби има Даунов синдром“
- Детали
- вторник, 07 ноември 2023
„Наташа имаше спонтан абортус во моментот кога со пријателите славевме дека ќе станеме родители. На пат накај болница почна пообилно да крвари. Таму лекарот, ѝ направи ехо и гледа - нема срцева реакција. Ни рече да не се грижиме, да провериме на друг апарат. Пак ни дава лекарот некаква утеха. Но, пак немаше срцева реакција. Ми се пресекоа нозете. Целиот тој момент на ‘ќе станам татко, ќе станам мајка’ одеднаш исчезна“, вели Таско во својата искрена исповед.
Македонскиот хип-хоп артист Кристијан Тасковски - Таско гостуваше во подкастот на Стефан Лазаров и првпат проговори за најголемата болка што ја доживеал во животот, кога сопругата Наташа имала спонтан абортус и го загубила нивното прво бебе и тоа во моментот додека со пријателите славеле што таа е бремена и ќе станат родители.
Со многу емоции, глас кој трепери и насолзени очи, Таско си ја отвори душата, па вели дека голготата низ која поминале со сопругата, не му ја посакува ни на најголемиот непријател.
И иако сега го имаат синот Лукијан, кој се роди во јуни 2023, Таско откри дека ни таа бременост не одела лесно, а во еден момент лекарите им кажале дека бебето најверојатно има Даунов синдром. Но, музичарот уште во првиот момент решил дека нема да ја прекинат бременоста и со Наташа ќе бидат родители на дете со Даунов синдром, доколку резултатите го покажат тоа.
„По короната сите што сме блиски со тебе како да забележивме дека Таско веќе не е ист. Имаше период во кој се искара со сите, се скаравме и јас и ти.
Имам информација дека ти се случувале сериозни психолошки проблеми и дека си стигнал во ситуација да се затвориш само во себе, со плачење, викање...“ – го почнува Лазаров разговорот со Таско на тема татковство и семејната голгота.
„Кога ги затворија границите со Наташа почнавме поинтензивно да се гледаме, таа доаѓаше кај мене, спиеше секоја ноќ тука, короната нè зближи. Веќе почнавме и заеднички живот и решивме да имаме дете.
Но, се испостави дека тие работи не одат така лесно. Се обидувавме некое време Наташа да забремени, моите не ја прифатија, па се тргнавме малку на страна, почнавме да живееме на друго место, многу работи се случуваа...
По некое време, една вечер се враќам од некој настан, и таа ми вели: ‘Да те изненадам, тргни ја перницата’, а таму позитивен тест за бременост. Првата реакција ми беше: ‘Топ, супер’ и почнав да викам од среќа.
Утредента сфатив дека ќе станам татко, дека треба да станам сериозен за некои работи и почнав да работам многу, да правам музика. Потпишав договор со Раста да ‘вадиме’ албум, во Македонија излегоа некои проекти, бев полн со енергија.