Таско со емотивна исповед: „Се обвинував себеси што го изгубивме првото бебе, пред да се роди Лукијан ни кажаа дека можеби има Даунов синдром“
Помина некое време и во тоа време никој не знаеше дека Наташа е бремена, па сакав да им кажам на другариве, на блиските дека ќе има мал Таско или мала Наташа.
Седевме во двор кај мене, правевме скара, се радувавме... Ама, затоа се вика ‘На нероден Петко капа не му се крои’.
Додека ние славевме, Наташа отиде до тоалет и оттаму ми се јави да ми каже дека има некакви симптоми на спонтан абортус.
Ѝ велам: ‘Не е тоа така, се ‘трипаш’ нешто, не е така’, а таа ми вели: ‘Кристијан качи се, имам крв’.
Се качувам горе, гледам навистина има крв. Се јавивме кај мајката на кумот, која работи во болница и таа ми рече да одиме на клиника, дека таму најверојатно ќе ѝ дадат некој хормон да го задржи плодот, дека ова навистина наликува на спонтан абортус, но дека не е сигурно, да не паничиме.
Наташа почна да плаче, седнавме во кола и накај болница таа почна пообилно да крвари.
Во болница нè пречека лекарот кој ѝ направи ехо. Гледа - нема срцева реакција. Ни рече да не се грижиме, да отидеме во другата просторија каде што има подобар апарат и да провериме на него. Пак ни дава човекот некаква утеха.
Проверува, пак нема срцева реакција. Ми се пресекоа нозете. Целиот тој момент на ‘ќе станам татко, ќе станам мајка’, одеднаш исчезна.
Следниот ден отидовме кај докторката која потоа ја породи Наташа со Лукијан. Откако и таа утврди дека нема срцева реакција нè праша што сакаме да направиме.
Наташа кажа дека не сака да ѝ прават киретажа и дека ќе се обиде природно да „го извади“ плодот. Лекарката ѝ даде некои капки за исфрлање на плодот, стигнавме дома, и тогаш ѝ почнаа страшни болки.
Но, тоа е ништо со сè што следуваше потоа. Таква емоционална дупка и празнина имаат почувствувано само луѓето што го преживеале ова.
И не сакам да го знае веќе никој, зашто не му го посакувам ни на најголемиот душман, навистина е болно.
Седиме на маса, ручаме, продолжуваме како сè да е во ред, а не разговараме и плачеме.
За да не ме види таа дека плачам, јас одам во тоалет и се затворам таму. Се враќам - неа ја нема. Немаме комуникација, а знаеме дека сме само јас и таа во ова.
И тогаш почнаа оние моменти кога си мислиш дека сите се против тебе, кога си ранлив. Па почнав да се карам со сите, со 2 Бона, Војаж. Дури и ти, Стрефан, се стави на нивна страна...
Притисокот и гневот што ги чувствував сакав да го почувствуваат сите. Сакав сите да се мизерни како мене. Во тој период карањето со луѓето единствено ме правеше среќен.
Гневот почна да исчезнува кога докторката што ја породи Наташа ни рече: ‘Само Господ може да ви помогне’, а во канцеларијата имаше две икони.
Јас тогаш повеќе почнав да се вртам кон религијата и сфатив дека мора да си простам сам на себе.
Мислев дека јас сум виновен што го изгубивме бебето, се прашував зошто мене ми се случи тоа. Потоа ни кажаа дека кај 3 од 4 пара се случува ова.
Докторите ни кажуваа дека е сè во ред со двајцата и дека е прашање на време кога таа ќе остане пак бремена.