Ламбе Алабаковски крадел штици од напуштени куќи, Дани Димитровска месечарела: Кои се детските тајни на познатите Македонци?
- Детали
- сабота, 28 октомври 2023
Дани Димитровска пелтечела бидејќи не можела да каже убаво „Р“ и ѝ требало долго време да ја прифати несовршеноста. Ламбе Алабаковски со другарчињата крадел штици од напуштени куќи за да си градат колиби во кои ќе си играат. Кои се најголемите тајни од детството на познатите Македонци?
Сите чуваме тајни од детството кои можеби сме ги споделиле со блиските низ годините, но многу од нив засекогаш останале закопани длабоко во нас, како еден убав спомен што не сакаме да го кажеме никому.
Некои се големи, други мали, на трети денес се смееме, бидејќи во тоа време ни изгледале многу големи, важни, па дури и страшни.
Познатите Македонци не се исклучок. И тие кријат по нешто за што не сакале да зборуваат јавно.
Кои се тајните кои во детството ги криеле, а денес им измамуваат насмевка кога ќе се сетат на нив? Во анкета за CRNOBELO.com, тие ни открија дел од нив:
Стефан Лазаров
Како дете многу ме зафркаваа дека трепките ми се преголеми и дека личам на девојче, па сакав да ги исечам, т.е да ги скратам, бидејќи ми беше срам.
Но, мајка ми не ми дозволи, нормално.
Во тој момент ова баш влијаеше на мене, ама како растев, си ги сакав сè повеќе.
Но, и ден денес ми се случува некој да ме праша дали ставам маскара.
Дани Димитровска
Повеќе е подзаборавена интимност отколку тајна.
Како мала месечарев.
И пелтечев поради неможноста за изговор на буквата Р.
Се ослободив од потребата за правилен изговор на таа буква и ја прифатив несовршеноста.
Сè уште имам неправилен изговор на Р и тоа Р е моја карактеристика.
Ламбе Алабаковски
Не знам дали е тајна, но како деца многу сакавме да играме надвор со моите врсници.
И се сеќавам дека крадевме штици од распаднатите куќи за да си направиме колиби.
Потоа тие колиби си ги сметавме за наш дом.
Ќе игравме фудбал, ќе се испотевме и наместо да одиме дома да се пресоблечеме, одевме во колибите и продолжувавме да се дружиме.
Ова е тајна која не сум ја кажал на никого досега.
Павле Николовски
Како мал бев фасциниран од гламурот на Холивуд, од светот на филмот, телевизијата и модата, од сите тие убави луѓе.
Сонував да станам дел од еден таков свет, но реалноста и моето опкружување беа сосема поинакви.
Затоа си ветив дека кога ќе пораснам, ќе си ја остварам желбата.
Имаше деца кои се потсмеваа на мојот сон, но јас не дозволив тоа да ми пречи.
Уште повеќе верував во мојата цел, работев на себеси и се посветив на модата. Постигнав многу од она што го посакував.
Сега, како модел патувам на најубавите светски дестинации, запознавам луѓе кои ми биле своевремено идоли и желбата да бидам дел од модниот свет ми се исполни.
Горд сум на себеси за успесите, како и за научените лекции и секако, благодарен сум што некогашниот мој сон се преточи во една интересна модна приказна.
Важно е да сонуваме, понекогаш и со отворени очи.