Блогер од Босна и Херцеговина е восхитен од Македонија: „Државата е скриен европски бисер, со најубави вина и највкусен ајвар“
- Детали
- четврток, 10 август 2023
„Македонија со сигурност е скриен бисер во Европа и земја во која ќе запознаете некои од најдобрите луѓе што сте ги сретнале во својот живот“ – вели на крајот од своето видео патувачкиот блогер Роберт Дачешин кој посетил 93 земји, а нашата земја ја вбројува меѓу најдобрите европски дестинации.
Охрид, Матка, Тетово... Ова се само некои од местата што се опфатени во краткото видео објавено од страна на босанскиот блогер Роберт Дачешин во кое тој образложува зошто Македонија ја става во најдобрите европски дестинации што задолжително треба да се посетат.
Роберт е патувачки блогер кој досега имал можност да посети 93 држави, а во своето кратко видео појаснува заради кои причини Македонија го оставила без здив и го натерала да ја стави на листата на најдобрите патувачки дестинации на стариот континент.
„По овие седум дена што ги поминав во Македонија можам да кажам дека сум воодушевен од она што оваа земја го нуди, па ја ставам оваа дестинација меѓу оние најдобрите европски дестинации, а еве зошто го велам тоа.
Пред сѐ, историјата овде е навистина неверојатна, па ви ветувам дека шетајќи се овде на одредени места ќе почувствувате како да сте се вратиле во минатото.
Во земјата има голем број религиозни објекти, па навистина е тешко да се каже дали се поубави џамиите или црквите, затоа што секоја од нив е посебна и единствена на свој начин.
Задолжително најдете време да ги пробате и вината затоа што овде постојат, ниту помалку, ниту повеќе, преку 150km винарии низ целата земја.
Самата храна е исто така многу автентична и евтина, а ајварот е најдобриот што некогаш ќе го пробате во животот.
Македонија со сигурност е скриен бисер во Европа и земја во која ќе запознаете некои од најдобрите луѓе што сте ги запознале во својот живот“ – вели Роберт.
Тој во своето видео вметнува повеќе кадри од кањонот Матка, природата околу патиштата низ Македонија, но и од кристално чистата вода на Охридското Езеро, за да нагласи дека нашата земја покрај сѐ изобилува со невидени природни убавини.
Погледнете го видеото во целост:
Б. С. Б. | Црнобело