Највкусниот сладолед во Тунис го прават Македонци: „Веќе 20 години секое лето доаѓаме да работиме, а во зима се враќаме дома“
- Детали
- сабота, 08 јули 2023
„Постоиме од 2003-та година, и веќе 20 години секое лето работиме во Тунис. Во зима се враќаме неколку месеци во Македонија, а потоа пак доаѓаме овде“ – вели за CRNOBELO.com, Шабан Селими, сопственикот на слаткарницата „Слатка Македонија“, која се наоѓа во Хамамет во Тунис.
Во Хамамет, eден од познатите туристички градови во Тунис, во центарот на Медитеранот, се наоѓа и слаткарница која го носи името „Sweet Macedonia“ (Слатка Македонија).
Голем број од Македонците што го посетиле Тунис се изненадени кога во центарот на градот кој важи за еден од најважните туристички центри во оваа мала африканска држава, ќе го видат името на својата татковина на локалот каде може да го купат највкусниот сладолед.
На Инстаграм профилот „Sparkly Daughter“ кој го водат креативни мајка и ќерка од Македонија, беше споделено видео од нивната посета на Тунис, а на Инстаграм Стори споделија дека Македонци го прават најдобриот сладолед во центарот на Тунис.
Нормално, моравме да ги побараме и да ги исконтактираме...
Успеавме да стапиме во контакт со Шабан Селими, сопственикот на слаткарницата, кој за читателите на CRNOBELO.com откри неколку детали за тоа како започнала нивната приказна и како го започнал својот бизнис во Тунис.
Шабан е по потекло од гостиварското село Чајле, но со години наназад секое лето го поминува во туристичкиот центар на африканскиот континент.
„Постоиме од 2003-та година и веќе 20 години секое лето работиме во Тунис.
Во зима се враќаме неколку месеци во Македонија, а потоа пак доаѓаме овде“ – вели Шабан и открива дека иако имаат свои вработени, во бизнисот се вклучени тој, неговиот син и неговата сопруга.
Освен локалот во центарот на Хамамет, тие имале уште две слаткарници во Јасмин, новиот туристички дел на градот, но како што појаснува Шабан, во периодот на короната морале да ги затворат, па се надеваат дека наскоро ќе започнат да работат и со нив.