Климентина Војдановска од Велес се стекна со 2 светски карате лиценци
- Детали
- понеделник, 05 јуни 2023
Климентина Војдановска од Велес се стекна со две светски лиценци во карате, а комисијата за полагање, која ги доделува лиценците, ја избра меѓу најдобрите тројца кандидати од 150 кои беа на полагањето.
Климентина Војдиновска од Карате клубот „Гладијатор“ Велес, е носител на Светска лиценца во ката и кумите (борби).
Полагањето се одржa на Премиер лигата во Рабат, Мароко, а Климентина на полагањето беше единствениот кандидат од Македонија.
Покрај двете светски лиценци со кои се стекна, Климентина беше избрана меѓу најдобрите тројца кандидати од 150 кои беа на полагањето. Ова признание ѝ го додели комисијата за полагање која ги доделува светските лиценци.
Климентина беше долгогодишен репрезентативец на Македонија во кумите (борби). Покрај тоа што е светски судија таа е и европски судија и лиценциран тренер во матичниот клуб.
„Со оваа светска лиценца се отворија многу нови можности за напредок и достигнување нови цели, како судење на Светски натпревари и Премиер лиги од светски карактер, но пред сè и како жена во овој ‘машки’ спорт“, вели Климентина.
Со ова, Македонската карате федерација ја зацврстува позицијата и во европски и во светски рамки во делот на судискиот кадар, а со новата лиценца на Климентина, Македонија веќе има шест светски судии – од кои две се жени.
„Тоа доволно зборува за квалитетот на македонските судии, а со тоа и на македонското карате“, додава Климентина.
А. Ј. | Црнобело