Магично запросување во Кападокија, ќе прави свадба во Охрид – Љубовната приказна на НБА кошаркарот Џеди Осман (фото)
- Детали
- недела, 19 јуни 2022
„Таа е вистинската жена за мене... Го знаев тоа истиот ден кога ја видов. Прстенот го купив уште минатата година но ми требаше време да соберам храброст за да ја запросам“ – со овие зборови НБА кошаркарот Џеди Осман кој на 1-ви јули ќе прави свадба во Охрид ја опишува средбата со неговата сакана Ебру Шахин.
На први јули годинава турскиот НБА кошаркар Џеди Осман и турската актерка Ебру Шахин ќе направат свадба во Охрид, што според многумина ќе биде најпопуларната прослава што ќе се случи во бисерот на Македонија.
Во продолжение неколку интересни факти за љубовната приказна на Џеди и Ебру:
Парот е во врска од летото 2020-та година, а желбата на Џеди била судбоносното „Да“ да го каже во градот каде што е роден и каде ги поминал првите години од својот живот.
Интересно за Џеди е тоа што на сите поважни страници каде е опфатена неговата биографија, тој се декларира како турски кошаркар со македонско потекло.
Актерката Ебру Шахин во моментов е мошне популарна во Турција, заради главната улога во мегапопуларната серија Hercai, а Џеди е познат заради својата блескава кошаркарска кариера во Кливленд Кавалирс.
Џеди е роден во Охрид, татко му по националност е Турчин, а мајка му има Бошњачко потекло и доаѓа од Нови Пазар, Србија, но уште како дете се преселил да живее во Истанбул.
Неговата врска со убавата турска актерка привлекува внимание и заради огромната разлика во височината помеѓу двајцата. Таа е висока 170cm, додека кошаркарот е 30cm повисок од неа, со височина од 201cm.
Парот минатата година во септември имаше магично запросување во Кападокија, а Џеди во едно интервју откри дека во мигот кога ја видел знаел дека Ебру ќе биде негова сопруга.
„Таа е вистинската жена за мене... Го знаев тоа истиот ден кога ја видов. Прстенот го купив уште минатата година но ми требаше време да соберам храброст за да ја запросам. Тоа беше најубавиот миг во мојот живот“ – откри Џеди.