Деталите за грозоморното убиство на 27-годишното момче, што го потресе Балканот
- Детали
- вторник, 13 февруари 2024
Случајот во полиција го пријавил таткото на првоосомничениот за убиството. Младиот Нусрет бил избоден 22 пати и со пресечен грклан бил фрлен во бунар, а во медиумите се објавени снимки од убиството. Кои се деталите за грозоморното убиство на 27-годишното момче што ја потресе балканската јавност?
Балканската јавност деновиве со неверување го следи случајот со грозоморното убиство на 27-годишниот Нусрет Дестановиќ од Тутин (Србија), чиешто искасапено тело било најдено во бунар во селото Меѓугор.
Младиот Нусрет се водеше за исчезнат од 8-ми февруари годинава, за два дена подоцна (10.02) неговото безживотно тело да биде најдено во бунар во селото Меѓугор, по што полицијата ги уапси тројцата соучесници во убиството, но сѐ уште трага по извршителот.
Српската полиција во моментов трага по првоосомничениот С.А.З. за кого се верува дека со помош на еден од соучесниците, успеал да побегне од земјата. За случајот се уапсени уште двајца соучесници, како и поранешната сопруга на првоосомничениот.
Се верува дека додека полицијата трагала за исчезнатиот Дестановиќ, првоосомничениот го зел неговиот автомобил „Golf 4“ и го паркирал во дворот на братучедот, кој сега е уапсен и е осомничен за соучесништво.
Според пишувањата во локалните медиуми, убиецот се избањал во домот на братучедот, и по ова побегнал во Германија. Првоосомничениот на братучедот му платил 200 евра за да ја уништи неговата крвава облека и да го уништи автомобилот на убиеното момче.
фото: Јутјуб - принтскрин
Се верува дека крвавото убиство е предизвикано од љубомора. Полицијата дошла до докази дека поранешната сопруга на првоосомничениот била во врска со убиениот Дестановиќ, а секојдневно била во контакт и со поранешниот сопруг.
Кога нејзиниот поранешен свекор, односно таткото на првоосомничениот, дознал дека автомобилот на момчето по кое се трага е кај внукот, сам го пријавил случајот во полиција и така им помогнал на властите да откријат што се случило со исчезнатото момче.
„Знам дека го одгледав синот да биде чесен и да живее чесен живот, но односите меѓу нас не беа најдобри. Веќе три години немав никаков контакт со него, а кога дознав за исчезнувањето на Нусрет веднаш помислив на најлошото.
Роднината ми кажа дека спорниот автомобил е кај него и тогаш заедно со него го пријавив случајот во полиција“ – раскажува таткото, кој вели дека е разочаран од однесувањето на синот.
фото: Јутјуб - принтскрин
Се верува дека осомничените го намамиле убиениот со порака од телефонот на неговата девојка, односно поранешната сопруга на првоосомничениот.
Во дел од медиумите се објавени и видео снимки на кои се гледа убиството, како првоосомничениот излегува од автомобилот и со остар предмет ја прободува жртвата, а подоцна бил снимен и како ладнокрвно пие вода на бензинска станица.
Наводно тие убиството го договориле во кафеана во Нови Пазар, а и жената е уапсена затоа што се верува дека таа знаела дека нејзиниот поранешен сопруг подготвува убиство, но за тоа не ги известила властите, ниту пак го предупредила својот љубовник.
По ова, младиот Дестановиќ бил претепан, избоден 22 пати, му бил пресечен гркланот и неговите останки биле фрлени во напуштен бунар. Неговите останки биле извлечени со помош на противпожарната служба.
Полицијата нашла заканувачки пораки во телефонот на убиениот Нусрет и дознала дека тој претходно во неколку наврати добивал љубоморни закани од поранешниот сопруг на неговата девојка.
Имено, првоосомничениот и неговата поранешна сопруга заедно живееле во Сараево, а по разводот жената со двете деца се вратила во Србија и ја започнала врската со убиениот Нусрет.
Нејзиниот поранешен сопруг постојано бил во контакт со неа, а им се заканувал на Нусрет и на сите што му се блиски.
Убиеното момче живеело во Германија, а во Србија дошло за да ги посети роднините и пријателите.
Б. С. Б. | Црнобело