Има близнаци од првиот брак, важи за најубавата жена во Турција – Која е Туба Бујукстун?
- Детали
- недела, 17 декември 2023
Сите шпекулираа дека се разведува кога ненадејно ја скрати косата и стана непрепознатлива. Важи за една од најплатените и најубавите актерки во Турција – Што знаеме за турската актерка Туба Бујукстун?
Оние што ги следат турските серии и филмови на Нетфликс, веќе добро ја знаат Туба Бујукстун, актерката која игра во филмовите „Black Money Love“ и „Another Self“.
На македонската публика ѝ е позната и по улогите во сериите „Аси“, „Ќерката на амбасадорот“ и „20 минути“.
Туба како дете сакала да биде биолог и генетски инженер, но заради советите нa другарка одлучила да студира уметност. На крајот Туба завршила на катедрата за сценски декорации и дизајн на костуми, но во овој период почнала да се појавува и во реклами.
Благодарение на извонредната убавина и талентот за глума, таа брзо успеала да се издвои како една од најпознатите турски актерки.
Својата кариера ја започнала во 2003-та година, со улогата во серијата Sultan Makami, по што следуваат повеќе улоги во голем број познати серии. Во 2006-та се појавила и во филмот Exam, каде игра и Жан Клод Вандам.
Таа вели дека нејзината популарност се должи на тоа што најчесто знаела како да направи добар избор на улогите.
Во 2011-та година таа се омажи за актерот Онур Сајлак со кого беше во брак сѐ до 2017-та година и ги доби ќерките близначки Торпак и Маја. Според пишувањата во турските медиуми, одлуката за брак ја донеле откако дознале дека Туба е бремена со близнаци.
Парот стапил во брак во Париз, а на свадбата присуствувале нивните роднини и најблиските соработници.
Во 2015-та година актерката одлучи да ја скрати долгата црна коса по која беше препознатлива и според дел од нејзините следбеници ова бил знак дека актерката не е среќна и дека ѝ треба промена.
Никому не му било јасно како може актерката која земала толку многу пари од рекламите за шампон да се откаже од нејзиниот најсилен атрибут.
Во овој период почнаа да осамнуваат и првите пишувања зошто бракот на парот е во криза. Наводно, тие двајца имале договор наизменично да земаат улоги, со цел еден од нив постојано да биде со децата, но во 2016-та и двајцата истовремено прифатиле улоги и тогаш настанале сите проблеми.
Иако две години сите медиуми пишувале за нивниот развод, парот ги отфрлал гласините и се заканувале со тужби, за на крај да се разведат во провинциски суд, со цел никој да не дознае што всушност се случило.
По разводот, Туба ја доведуваа во врска со повеќе турски мажи. Се шпекулираше дека таа е заедно со актерот Умут Евирген, потоа ја доведуваа во врска и со турскиот музичар Мурат Боз, кој беше во врска со Асли Енвер, но и други.