Напади од морски желки во Хрватска и траорни сведоштва: „Беше агресивна, главата ѝ беше колку две човечки“
- Детали
- петок, 04 август 2023
„Тоа беше средба очи во очи со желка од 50-тина килограми. Според упатените, станува збор за мошне стара желка, а претпоставувам дека тука некаде има снесено и јајца, па затоа е агресивна“ – вели жител на Трогир, кој водел битка со џиновска морска желка во Хрватска, додека пливал со 6-месечната ќерка. Зошто нападите од морски желки во Хрватска се зачестени?
Иако станува збор за мошне ретка појава, во изминатите неколку денови хрватските медиуми известуваат за два одделни напади на морски желки во водите на Јадранското Море.
Една жена од Сплит тврди дека додека била во водата, на околу метро и пол длабочина во Чиово од зад грб ја нападнала морска желка, а на напад се пожали и 32-годишен жител на Трогир, кој бил нападнат во Слатина.
Очевидци кои се нашле во непосредна близина на жената која беше нападната во Чиово, Анита Дадиќ, за Dnevnik.hr тврдат дека желката се однесувала мошне агресивно и ја прогонувала додека таа се обидувала да побегне на брегот.
„Желката беше многу агресивна, додека госпоѓата бегаше, таа ја прогонуваше и трипати ја гризна“ – велат оттаму.
Opasne kornjače haraju hrvatskim plažama. #dnevnikhrhttps://t.co/RJrTsxwLbS
-->— DNEVNIK.hr (@DNEVNIKhr) August 3, 2023
Откако била повикана брза помош, на местото на настанот дошле и двајца ветеринари, а жената била пренесена во болница каде примила антибиотици и тетанус.
Само неколку дена подоцна во хрватските медиуми уште еден жител на Трогир раскажа како бил нападнат од мегаломанска желка.
Додека бил на одмор во Слатина тој тврди дека неколкупати бил нападнат од желката и дека сите му се потсмевале затоа што избезумено бегал на брегот од неа.
Тој бил заедно со девојката и 6-месечното бебе и бил мошне загрижен затоа што тоа било првото бањање на бебето во море.
„Пливавме заедно со малото, полека одевме кон длабочината, а како што јас постојано нуркам во тој дел, под малото ја забележав желката.
Што да ви кажам, тоа беше средба очи во очи со желка од 50-тина килограми.
Упатените велат дека со толку голем број килограми, станува збор за мошне стара желка, а претпоставувам дека тука некаде има снесено и јајца, па затоа е агресивна. Замислете да ми го гризнеше детето, тоа немаше да можам да си го простам.
Брзо ѝ реков на девојката да бега со детето надвор, што таа го направи, а желката се сврте кон мене. Сето тоа се случуваше на некои 6 до 7 метри длабочина. Нејзината глава е како две човечки глави и цела е прекриена со каменчиња“ – вели тој.
За среќа овој човек не бил нападнат, како жената од Сплит која за хрватските медиуми сподели и неколку фотографии на кои може да се види како изгледале раните откако била касната од желката.
Според надлежните власти, нападите од желки се мошне ретки иако во последните неколку години е зголемен бројот на главестите желки во подрачјето на Лора, Арбанија, Слатина и Чиово.
„На некој начин желката се почувствувала загрозена и затоа реагирала така.
Од друга страна постои можност да станува збор за повредено животно, кое е дезориентирано и со самото тоа прави невообичаени постапки и не може да се предвиди нејзиното однесување“ – вели Ален Соло од поморските студии во Сплит за хрватските медиуми.
Kornjača se samo branilaMorska kornjača koja je ugrizla kupačicu branila se od ljudskog dodira #HRTDnevnik
Posted by HRT Vijesti on Wednesday, August 2, 2023
Според други, пак, жената во Хрватска сама ја предизвикала желката и животното само се бранело од човечкиот допир.
Советите од стручните лица се следни:
„Ако забележите морска желка, тргнете се на дистанца. Немојте да пливате по неа и немојте да го загрозувате сопственото здравје заради фотографија.
Најважнио е животното да се чувствува сигурно, а со тоа и вие ќе бидете безбедни“ – вели Драшко Холцер, виш кустос од природонаучниот музеј во Загреб.
Инаку, морските желки се заштитени со закон во Хрватска. Строго се забранува нивно ловење, уништување, вознемирување или трговија со нив. За убивање на морски желки предвидени се и високи парични казни.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: freepik.com