Вистинската приказна за Ориент Експрес, најпознатиот воз во историјата на железницата
За повеќето луѓе, Ориент Експрес е повеќе идеја отколку материјален ентитет. Неговото постоење најмногу ни го доближи Херкул Поаро, решавајќи го најпознатиот случај токму во Ориент Експрес. Но како изгледал вистинскиот Ориент Експрес и како станал толку мистериозен и интригантен?
Во 1883 година бил поставен патот кој ги поврзувал Париз и Истанбул (во тоа време нарекуван Константинопол). Возот, наречен „Експрес Ориент“, тргнувал од Париз до Истанбул, преку Стразбур, Минхен, Виена, Будимпешта, Букурешт, Белград, Ниш и Пловдив. Ова бил првиот луксузен воз во Европа. Иако патувањето од Париз до Истанбул траело речиси 68 часа, брзо станало популарно меѓу европската аристократија, а во 1891 година Експрес Ориент станува Ориент Експрес.
Речиси сите европски кралеви во тоа време патувале со Ориент Експрес, од грчкиот крал, бугарскиот крал Фердинанд и неговиот наследник Борис, англискиот крал Едвард Седми и Едвард Осми, шведскиот крал Густав. Затоа го нарекувале и „кралот на возовите и возот на кралевите.
Агата Кристи за првпат патувала со Ориент Експрес во 1928 година. Неколку месеци подоцна, возот бил заглавен во снегот шест дена. Нешто слично ѝ се случило на познатата писателка, што ѝ била доволна инспирација за пишување на еден од нејзините романи „Убиство во Ориент Експрес“.
Вагоните на овој воз биле изработени од најдобрите материјали. Пијалаците се служеле во кристални чаши, а се спиело на свилена постелнина. Цената на билетите била многу висока, а Ориент Експрес бил многу популарен меѓу богатите граѓани.
Во Европа речиси да немало град кој не бил една од станиците на овој познат воз. Ориент Експрес поминувал низ Франција, Германија, Австрија, поранешна Југославија, Романија, Бугарија и Турција. Картата од Париз до Истанбул вредела околу денешни 1800 евра.
Интересот за овој вид на транспорт почнал да слабее по Втората светска војна поради развојот на побрзата автомобилска и авионска индустрија.
Кон крајот на 1970-тите, американскиот претприемач, Џејмс Шервуд, купил два оригинални вагони од Ориент Експрес, ги обновил и создал нова луксузна железничка линија - Лондон, Париз, Венеција.
Еднаш годишно, Венис Симплон Ориент Експрес им нуди на заинтересираните гости оригинална рута од Париз до Истанбул. Оваа луксузна шестдневна авантура со престој во хотели со пет ѕвездички се движи од 6600 до 15.000 фунти.
Ашера | Црнобело