Volvo моделите низ цела Европа ќе се предупредуваат едни со други од лизгави патишта и опасности
Volvo Cars ја прави својата пионерска, безбедносна технологија за првпат поврзана со индустријата, достапна низ цела Европа, како уште еден чекор во своите амбиции за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Технологијата им овозможува на Volvo автомобилите да комуницираат едни со други и да ги известат возачите за лизгавите услови на патот во близина и за опасностите преку облак-базирана мрежа.
Светлосниот сигнал за опасност (Hazard Light Alert) и Сигналот за лизгав пат (Slippery Road Alert) за првпат беа претставени во 2016 година на сериите автомобили Volvo 90 во Шведска и во Норвешка. Следната недела функциите стануваат достапни за возачите на Volvo низ цела Европа. Тие доаѓаат како стандард за сите нови модели на Volvo автомобили од 2020 година и може да се надградат на избрани претходни модели *.
„Споделувањето податоци за безбедноста меѓу возилата во реално време може да помогне да се избегнат несреќи", рече Малин Екхолм, шеф на Центарот за безбедност на Volvo Cars. „Сопствениците на Volvo директно придонесуваат кон побезбедни патишта за другите возачи што ја овозможиле функцијата, а, исто така, имаат корист од раните предупредувања за потенцијалните опасни услови што претстојат".
Безбедносните истражувања на Volvo покажуваат дека прилагодувањето на брзините кон реалната ситуација во сообраќајот може радикално да го намали ризикот од несреќи. Со алармирање на луѓето за опасностите што претстојат и овозможувајќи им навремено да се прилагодат, поврзаните безбедносни технологии можат да поддржат подобро однесување на возачот и да ја зголемат безбедноста на сообраќајот.
Со лансирањето на овие функции низ Европа, Volvo Cars, исто така, ја потврдува својата покана до автомобилската индустрија да се приклучи кон споделувањето анонимизирани податоци поврзани со безбедноста на сообраќајот низ различните марки автомобили.
Споделувањето вакви податоци во реално време може да обезбеди силен поттик за целокупната безбедност во сообраќајот и да стане повлијателна, колку повеќе автомобили се поврзани. Од минатата година, Volvo Cars и Volvo Trucks ги споделија податоците за алармирање на возачите во Шведска и во Норвешка за опасностите во близина.
„Колку повеќе возила ќе споделуваат безбедносни податоци во реално време, побезбедни ќе станат нашите патишта. Се надеваме дека ќе воспоставиме повеќе соработки со партнерите што ја делат нашата посветеност за безбедност", рече Малин Екхолм.
Со воведувањето, системите на Volvo Cars беа први од ваков вид во автомобилската индустрија. Веднаш штом кој било опремен Volvo автомобил ќе ги вклучи светлата за опасност, Светлосниот сигнал за опасност (Hazard Light Alert) испраќа сигнал до сите Volvo автомобили во близина што се поврзани со облак-базирана услуга, предупредувајќи ги возачите да избегнат потенцијални несреќи. Ова е особено корисно за слепите агли и над сртот на ридовите на патот.
Во меѓувреме, Сигналот за лизгав пат (Slippery Road Alert) ја зголемува свесноста на возачот за моменталните услови на патот и за оние на патот напред, со анонимно собирање информации за површината на патот од возилата што се понапред на патот и предупредувајќи ги однапред возачите што се приближуваат до лизгавите делници на патот.
Минатиот месец, Volvo Cars направи голем број најави за поддршка на подобро однесување на возачот и за побезбедно возење. Од 2020 година, сите Volvo автомобили ќе имаат ограничена брзина до 180 км/ч. Почнувајќи од раните 2020-ти, компанијата, исто така, ќе инсталира камери во автомобилите и други сензори што ќе го следат возачот и ќе му дозволат на автомобилот да интервенира ако јасно интоксираниот или расеан возач ризикува несреќа што вклучува сериозни повреди или смрт.
Конечно, компанијата најави дека за првпат го прави своето безбедносно знаење лесно достапно во централна дигитална библиотека, која ја поттикнува автомобилската индустрија да ја користи во интерес на побезбедни патишта за сите.