Мартин Мојсоски, доктор по естетска медицина: „Бремените жени не треба да ставаат филери, мажите најчесто бараат корекции на брадата и носот“
- Детали
- четврток, 16 март 2023
„Ботоксот и филерите се еликсирите на младоста - затегнување на тонусот на лицето, подобрување на квалитетот на кожата, враќање и додавање на волумен на одредени регии на лицето се клучни сегменти за подобрување на изгледот кај голем дел од пациентите. Многу дами бараат отстранување на филер кој е околу усните и драго ми е што се свесни дека не му е таму место. Сум одбивал пациентки на несоодветна возраст и такви кај кои нешто не може да се коригира“ – вели во интервју за CRNOBELO.com, Мартин Мојсоски, доктор по естетска медицина.
Мартин Мојсоски e доктор по општа медицина и уметник. По завршувањето на студиите работел како општ доктор, но веќе речиси 4 години работи како доктор по естетска медицина.
Неодамна стана татко, па вели дека заради тоа е најсреќен човек на светот, а за сопругата Анастасија вели дека му е партнер и дека нејзе ѝ го должи успехот на поле кариера.
Естетските корекции на лицето се во тренд и сè поголем број луѓе сакаат да ги користат можностите на естетската медицина, за да си ја вратат самодовербата и да се подмладат.
Мартин вели дека мала корекција на јаболчници, нос, вилична коска и „две-три капки“ ботокс можат да направат чудо и да ја вратат самодовербата.
Во интервју за CRNOBELO.com Мартин зборува за тоа што треба да имате предвид пред да се одлучите да ставите ботокс или филери на лицето. Кои процедури се моментално најбарани, како и за тоа на што треба да внимавате пред да ставите ботокс.
Проследете го во целост неговото интервју:
Дали има некоја група на луѓе што не треба да аплицира филери?
Дермалните филери како медицински материјал се многу безбедни за апликација, контраиндикации скоро и да не постојат, но секако не можеме да дадеме 100 отсто гаранција (како и во сè останато во медицината).
Најчесто, не постои група на пациенти која строго не смее да аплицира филери, но јас како доктор, пациентките кои се бремени или дојат, секогаш ги советувам да почекаат за апликација, да завршат со тој период па потоа да ми се јават.
Не постои конкретна студија во која има точни информации за тоа дали дермалниот филер може да се аплицира во тој период, но секогаш поради претпазливост кај овие пациенти препорачувам одложување на третманите.
Секако, пред секој третман пациентот пополнува согласност со која ме известува за неговата здравствена состојба, терапија и суплементи кои ги прима.
Што треба да знаат пациентите пред да се одлучат да аплицираат филери?
Значителен дел од времето на терминот се посветува за едукација и консултацијата пред апликацијата. Секој пациент пред кој било третман е детално информиран за апликацијата и сè што следи од истата.
Она што секогаш е потенцирано на сите е да си ги знаат очекувањата, периодот на рехабилитација и дека третманот со хијалуронски филери е процес на градење.
Тој процес зависи баш од тие очекувања и од она што сакаат да постигнат и кај секој пациент тој процес е различен.
На колку време треба да се повторува процедурата за да се одржи посакуваниот резултат?
Како што напоменав во претходниот одговор, кај секој пациент е различно.
Различни карактери, желби, вкусови па така и различни очекувања. Ако зборуваме за усни на пример, некој сака повпечатливи и поизразени усни па се доаѓа на надополнувања почесто (на растојание од неколку недели или месец – два додека не го добие саканиот ефект), некој сака понеприметливи усни па доаѓа на надополнување на неколку месеци или на една година, само да си ги освежи усните.
Нема точно одредени правила. Откако еднаш ќе се изгради базата на филер (првата апликација) надополнувањата и количината на филер за надополнување се индивидуална желба.
Која е почетната количина на филер за усни која е доволна за да направи промена?
Почетна препорачана количина на филер е 1 ml за да изградиме стабилна база но и да имаме убава суптилна промена на усните. Неретко користам и поголема количина-1,2 до 1,5 ml доколку е потребно. Поради специфичноста на техниката количината игра важна улога во резултатот.
Која е според Вас најчестата грешка што се прави заради која усните делуваат неприродно и подуено?
Најчестата грешка, ако така се изразуваме, е начинот на апликација на филерот т.е. техниката.
На почетокот на мојата кариера во естетската медицина беше напорно и тешко да им воочам на клиентите каде е проблемот и дека можат да „носат“ многу поубави усни, но мило ми е што со напорна работа и моите објави на социјалните мрежи, стигнавме до точка каде самите клиенти се свесни дека може многу подобро од она што моментално е на нивните усни и сами, без моја сугестија, бараат третман за отстранување на стариот филер. Тоа е голем прогрес во свеста на дамите и горд сум на тоа.
Доволно е што знаат дека филерот треба да е само во усните, а не околу, другото се препушта на мене.
Постои ли начин да се коригира ваквото неправилно ставање на филер и колку време трае постапката?
Најпозитивната страна на хијалуроснките филери е што се реверзибилни, тоа значи дека сѐ може да се поправи.
Постои ензим којшто го разградува хијалуронскиот филер – хијалуронидаза и ни овозможува да почнеме од почеток.
По третманот на разградување треба да помине период на рехабилитација кој трае околу две недели и пациентот одново може да аплицира филер доколку е таа целта но и не мора. Некои пациенти сакаат само да се ослободат од лошо аплицираниот филер и да останат на природната големина на усните.
Колку дамите во Македонија се заинтересирани за апликација на филери? Постои ли одредена генерациска група што најчесто го прави тоа?
Интересот кај нас е во постојан пораст. Мислам дека голем дел од женската популација е свесна за придобивките од хијалуронските филери, а тоа секако е за поздравување. Не постои одредена генерациска група, од 18 до 80. Убавината за жената е важна во секоја животно доба.