Боро Мирчески ослабе 40kg: „Имав здравствени проблеми, но кога почина мајка ми одлучив да го трансформирам животот“
- Детали
- вторник, 07 март 2023
„Поради интензивен стрес, открив неколку сериозни здравствени дијагнози кај мене, но ситуацијата кулминираше со смртта на мојата мајка, по што на само 35 години останав без двајца родители, кои од овој свет заминаа на неполни 57 години. За жал, и двајцата беа со прекумерна тежина“ ја започнува својата приказна за CRNOBELO.com Боро Мирчески (36) од Скопје, кој имал 119 килограми, пред да го трансформира изгледот.
Боро Мирчески (36) од Скопје, сопруг и татко на два сина, успеа да намали повеќе од 40 килограми од телесната тежина за само неколку месеци и тоа со здрава исхрана и интензивни тренинзи.
Боро моментално живее и работи во Германија, како конзул во македонската амбасада во Бон, а сака да ја сподели својата приказна за да инспирира и други луѓе дека тоа што се сака се може.
Тој ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
„Мојата приказна за промена на начинот на живот започна во 2022 година, кога поради интензивен стрес, открив неколку сериозни здравствени дијагнози.
Ситуацијата кулминираше со смртта на мојата мајка, по што на само 35 години останав без двајца родители, кои од овој свет заминаа на неполни 57 години.
За жал, и двајцата беа со прекумерна тежина.
По неколку месеци справување со пост-трауматичниот стрес на големо инсистирање на мојата сопруга, одлучив да дојде клучниот момент за и јас да направам радикален чекор и да станам здрав и витален татко на Петар и Марко, татко кој нема да се бори со здравствени потешкотии предизвикани од зголемена телесна тежина.
За само осум месеци, од 119 килограми успеав да намалам повеќе од 40 килограми и во моментов тежам само 76 килограми.
Радикална промена на која ќе ми треба долго време да се навикнам на новиот јас. Порано носев облека со број 3XL, денес носам М, носев панталони број 38, денес носам број 32. Имам значително повеќе енергија и се чувствувам многу поздраво.