Неда Волчева, офицер во АРМ: „Јас сум пример дека успехот не зависи од полот, воената опрема е иста и за мажите и за жените“
Постојат ли уште заблуди и митови за жените војници? Што би сакала да се промени во врска со ова?
Сè помалку има дилеми за местото и улогата на жената во безбедносните сили.
Јас преку личен пример докажувам дека успешното остварување на работните задачи не зависи од полот, туку од воено-стручната подготвеност, физичката и психичката подготвеност, како и од желбата и посветеноста кон професијата.
Постои ли разлика во тежината на опремата што ја носат мажи и опремата што ја носат жени?
Не постои разлика. Опремата е стандардна за сите. Секој треба да биде доволно подготвен да ја носи и употребува истата.
Колку боречки вештини знаеш? Со колку видови оружје можеш да ракуваш?
Уште како дете се занимавав со различни спортови коишто ми помогнаа да ја изградам физичката подготвеност.
Од боречките вештини би ги издвоила карате и кик-бокс.
Како припадник на Армијата, офицер на родот пешадија, обучена сум за ракување со различни видови оружје.
Како ти изгледа еден вообичаен ден на работа? Кои ти се главните обврски?
Денот започнува со кревање на државното знаме, потоа тековни активности: воено-стручна обука со водот, спортски активности, реализација на вежби и гаѓања.
Како изгледа твојот тренинг? Треба ли многу да внимаваш на исхраната?
Покрај тоа што за оваа професија е приоритет секогаш да си физички подготвен, би додала дека и приватно мое хоби е вежбањето.
Посетувам теретана и во слободното време, одам на пливање, играм кошарка, трчам полумаратони.
Внимавам на храната, се исхранувам по подготвена програма.
Каде се гледаш во иднина? Кои се твоите цели?
Секојдневно вложувам во себе. Важно за унапредување во оваа професија е континуирана надградба и секојдневно учење.
Се гледам како успешен офицер, кој ќе биде подготвен квалитетно да командува со воениот персонал.
Што би им порачала на девојките кои сакаат да станат војници?
Би ги охрабрила, би им препорачала да се запишат на Воената академија, да станат офицери во Армијата или да се пријават на конкурсот за професионални војници.
Во мојот вод моментално има неколку жени војници. За нив би кажала дека успешно и подеднакво квалитетно ги реализираат сите зададени и предвидени задачи како и мажите.