Иван Јованов, вокалист на Либеро Бенд: „Најголем бакшиш ни е 7.000 евра, на настап ми имаат ставено ружи во боксерици“
- Детали
- четврток, 23 февруари 2023
„На настап ми имаат побарано да ме бакнат заради облог, а еднаш ми беше потегнат каишот од панталоните и со трн од ружа бев повреден. Во љубовта не правам луди работи, почитувам и правам компромис кога треба, не мразам никого и ме исполнува дружба со пријатели. Денот ми почнува со добар појадок, вежбам и играм фудбал...“ – Иван Јованов за CRNOBELO.com раскажува интересни детали за приватниот живот и за работата со бендот.
Либеро Бенд е еден од најпопуларните бендови во Македонија, кога станува збор за избор на музика за свадба или за настап во клубови/локали во градовите низ земјата.
Иван Јованов (31), вокалист на бендот, за CRNOBELO.com открива интересни детали од нивната работа и кариера, забавни случки од настапите, но споделува и мигови од своето секојдневие и приватниот живот, а најавува и две нови песни, од кои првата ќе излезе во март.
Тој е дипломиран економист и школуван инструменталист (виола), деновите ги поминува во друштво на пријателите, сака да спортува, а кога нема настапи, често излегува и го почитува ноќниот живот во Скопје.
Во продолжение целосното интервју со Иван за CRNOBELO.com...
Колку време постои Либеро Бенд, колку е тешко да се опстои, сте се соочиле ли со предизвици?
Да се опстои на сцената не е тешко, особено тогаш кога победничкиот тим се гради од мали нозе. Се познаваме од средно школо, градевме заедничка визија и несебично се помагавме.
Кога заеднички се работи на остварување на заедничкиот сон, атмосферата секогаш е победничка.
Најголем бакшиш што сте го добиле со бендот на настап/свадба...?
Најголем бакшиш кој сме го добиле е околу 7.000 евра.
Најчудното барање од публика...
„Дај да те бакнам.... Се обложивме со маж ми дека ќе те бакнам!“
Песна која никогаш не сакате да ја изведувате со бендот...?
Ние сме бенд којшто секогаш изведувал песни за публиката. Мислам дека таква песна речиси и да не постои.
Свадба или настап во локал? И зошто?
Секој настап си има своја убавина, не можам да одвојам, но лично јас повеќе се пронаоѓам како клупски пејач или во локал.
Во кој град е публиката најдобра?
Секој град си има посебна хемија и енергија, токму поради тоа и во секој град различно настапуваме со репертоар. Македонскиот народ многу добро знае што е добра песна.
Колку најмногу настапи сте имале во едно деноноќие и како го издржувате тоа?
Најмногу сме имале три настапи за 24 часа.
Ви се случило ли да откажете изведба на свадба од оправдани причини? Што се случува во такви ситуации?
Замена досега како цел бенд не сме имале никогаш, досега имам откажано два настапи поради здравствени причини и уште еден поради кумство.
Кога може да очекуваме нова песна, кои се вашите планови?
Спремни се две песни, првата ќе излезе во март.
Кој е Иван приватно? Како изгледа твојот ден? Што сакаш да правиш, што те исполнува во животот, а што мразиш?
Не мразам никого, ме исполнува дружбата со најблиските и пријателите. Мојот ден започнува со добар појадок, гледам кога можам и сум слободен да одам во фитнес центар или да изиграм фудбал со пријателите.