Алехандро Санчез, Аргентинец оженет за Македонка: „Среќен што сум македонски зет, обожавам пастрмајлија“
Дали е тешко да се растат деца во Шпанија - земја, која не е твоја (односно ваша) татковина?
Родители сме на две деца. Ќерката Лара има 5 години, а синот Мартин една.
Лара веќе оди во училиште, затоа што во Шпанија децата влегуваат во образовниот процес доста рано, на само три години. Мартинчо од септември ќе оди во градинка.
Во Мадрид ја делиме судбината на многу семејства чии баби и дедовци живеат далеку, па затоа сами си ги растеме децата и целиот распоред ни е организиран согласно нивните потреби.
Секој ден учиме нешто ново за родителството, но најбитно е дека и јас и Оливера имаме исти воспитни вредности кои им ги пренесеме на децата.
Раздвоеноста од фамилиите се обидуваме да ја надополниме со патувања во Македонија и Аргентина, а кога сме во Шпанија, фамилијата доаѓа често на гости кај нас.
Како ти се допаѓа македонската храна?
Најомилено македонско јадење ми е пастрмајлија. Еднаш бевме на фестивал на пастрмајлија во Велес и дел од присутните се изненадија што еден Аргентинец толку многу сака пастрмајлија, па ми дадоа и рецепт, па сега знам и сам да си ја подготвам дома.
Во Скопје имам своја омилена сендвичарница и ќебапчилница, па братот на Оливера знае и штом слетаме во Скопје, веднаш ме пречекува со сендвич од 7-ца и со 10-ка со кромид од Дестан.
Роден и израснат во Аргентина, како се снајде со студените зими во Македонија?
Во Кордоба каде што сум роден, немаме снег, а во Шпанија зимите се многу благи, така што првиот голем снег го видов во Крушево.
Беше исклучително убав момент за мене што ќе го паметам засекогаш. На мои тогашни дваесет и неколку години, во Крушево се почувствував како дете.
Бевме во посета на музејот на Тоше Проески и таму го направив првиот снешко.
Сепак, зимата не е моето најомилено годишно време, па затоа тој период вообичаено го минуваме во Аргентина, каде тогаш е лето.
Колку твоето семејство е запознаено со Македонија?
На почетокот многу малку.
Во Аргентина знаевме за Југославија, која сите ја паметиме од светското првенство во Италија, во една за нас историска утакмица.
Во училиште сме учеле за Александар Македонски, а од поновата историја знаеме за воените конфликти на тие простори.
Кога им кажав на моите дома дека имам девојка од Македонија, отворија Гугл да читаат повеќе за земјата. Мајка ми сега знае неколки основни реченици на македонски, за да може да честита празници и родендени на родителите на Оливера.
Мојата фамилија дојде за свадбата во Скопје, а потоа изнајмивме возила и заминавме на патување до Охрид и Струмица.
По патот од Охрид до Струмица малку се изгубивме, но секогаш има добри луѓе кои ни го покажаа излезот до автопатот.
Дали си имал некое непријатно искуство како странец во Македонија?
Не, никогаш. Мислам дека во Македонија ние Аргентинците сме многу сакани.
Секогаш прво ме прашуваат за Меси и за Марадона.
Каде би сакал да дочекаш пензија? Би живеел ли повторно во Македонија?
Во моментов живееме и твориме во Мадрид. Тука ни се родија двете деца и тука влегуваат во образовниот систем.
Но, никогаш не ја исклучуваме идејата дека би се преселиле на друго место, ако сметаме дека тоа е подобра опција за добросостојбата на семејството.
И јас и Оливера имаме желба да се пензионираме во некоја куќичка покрај море, но никогаш не ја отфрламе можноста да се вратиме блиску до фамилијата во Македонија или Аргентина.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело