Алехандро Санчез, Аргентинец оженет за Македонка: „Среќен што сум македонски зет, обожавам пастрмајлија“
- Детали
- вторник, 28 февруари 2023
„Влегов во месарница во Скопје да купам месо од крава, ама не знаев како се вика, па прашав дали имаат месо од „мууууу“. Продавачката веднаш ме услужи со насмевка и ми кажа дека тоа се вика телешко. Ми се допаѓа и традицијата на земање невеста во Македонија, тоа беше големо шоу за соседите на жена ми, кои гледаа како Аргентинци и Шпанци вртат оро околу нивната зграда. Инаку, снег првпат во животот видов во Крушево“, вели Алехандро Санчез (39) Од Аргентина за CRNOBELO.com и споделува детали за љубовната приказна со Оливера од Македонија.
Алехандро Санчез (39), по професија информатичар од Кордоба, Аргентина е во брак со Оливера од Скопје.
Тој вели дека обожава што е македонски зет и споделува детали за нивната љубовна приказна.
Алехандро за CRNOBELO.com вели:
Колку долго живееше во Македонија и што те донесе тука? Kaко и каде се запознавте со сопругата?
Со Оливера се запознавме во Шпанија, каде и двајцата бевме дојдени на студии.
Нашето запознавање го доживуваме судбинско, бидејќи првично јас од Аргентина заминав да студирам во Франција, затоа што добив стипендија од Факултетот во Ница, но во меѓувреме се смени наставната програма и мојот ментор се префрли на Универзитетот во Мадрид, а со него и сите ние негови студенти.
Од друга страна, и Оливера не знаела дали таа година ќе замине на студии во Шпанија, затоа што аплицирала за стипендија, но до последен момент била во неизвесност дали ќе ѝ ја доделат.
Откога магистриравме, Оливера се врати во Македонија, а јас останав на докторат во Мадрид.
И тогаш почнав јас да патувам почесто за Македонија. На почетокот немаше евтини летови до Скопје, па ги научив сите околни аеродроми во соседните земји.
Ги знаев сите автобуски линии Софија - Скопје, Солун - Скопје. Последната година од докторатот решив да ја поминам во Скопје и од таму да ја пишувам тезата. Поминав една исклучително убава година во Македонија, која секогаш ми буди убави спомени.
После тоа се преселивме во Мадрид.
Како е да се биде во брак со Македонка? Во што се разликуваат од Аргентинките?
Би можел да направам некоја културолошка споредба, ама за тоа би требало да се потпреме на стереотипите за балканските и за латиноамериканските жени.
Сепак, ние дома децата ги учиме да не полагаат многу внимание на стереотипите и предрасудите засновани на националноста.
Јас сум многу среќен што сум македонски зет, иако претходно многу малку знаев за Македонија.
Она што може да ви го кажам е дека во нашиот брак немаме некои големи културни разлики.
Можеби бидејќи ние Аргентинците во поголемиот број сме внуци на италијански и шпански емигранти, па го имаме наследено медитеранскиот начин на живот, кој е многу сличен на балканскиот.
Ако ги видите на карта, Аргентина и Македонија се премногу далеку, но често се шегуваме дека мојот прадедо во Италија и прадедото на Оливера во Југославија, живееле во две соседни земји.
Можеби се разликуваме во музиката која сме ја слушале и сериите кои сме ги гледале, како деца. Дома кај нас често се слуша македонска музика и некогаш некоја песна Оливера ќе ја потсети на детството, а јас никогаш порано не сум ја чул.
Но, во овие 15 години колку што сме заедно, доста научив и за македонската и за екс-ју музиката. Сум бил и на неколку концерти во Скопје на ваши познати пејачи.
Што најмногу ти се допаѓа во Македонија?
Јас многу ја сакам Македонија. Туристички имам посетено многу македонски градови.
Ми се допаѓа дека е многу безбедно. Во Аргентина имаме проблем со безбедноста.
Кога беа дојдени моите родители во Скопје, беа воодушевени што можеа мирно да се шетаат навечер во градскиот парк.
Животот кај вас е доста поопуштен , а и сите се знаете и си се помагате меѓу себе.
А што не ти се допаѓа?
Мене ми се допаѓа сè во Македонија, но сепак јас сум странец кој доаѓа на одмор таму еднаш во годината.
Свесен сум дека си имате, како и секаде, свои проблеми и причини поради кои многу млади луѓе се селат во странство.