Венко Андоновски: „Луѓето се гладни за духовни, а не празни разговори, денес имаме технолошки бум, но произведуваме темнина“
На романот гледате како жива органска форма, која постојано еволуира, а секој романсиер, со секој новонапишан роман дава своја дефиниција на жанрот. Со што сè експериментиравте во „Папокот на светлината“?
Експериментирав со таканаречената „бленда“ на романот.
Приказната е раскажана од три различни гледни точки, но тие се дозирано ограничени.
Читателот треба сам да ја состави целината на настанот. Во првиот дел се дадоа минимум информации од машка гледна точка, во вториот малку повеќе (од женска гледна точка), а во третиот, кој е бифокален (машка гледна точка пред преумувањето и по преумувањето – метаноја, на Света Гора), се даваат сите елементи за да се состави целината.
И, експериментирав со можноста одредени делови на романот сфатен како диегезис (раскажување) да бидат напишани како мимезис (како покажување), па затоа користев филмски скрипт како инплантирана форма/дискурс во романот.
И двете постапки имаат една цел: да ја зголемат улогата на читателот, да го претворат од пасивен косумент во активен создавач на текстот. Затоа се играв и со оние белешки на замислените читатели по маргините.
Во едно ваше интервју велите дека ве влече средниот век поради јасната претстава за злото и за доброто. Ако тогаш имало јасна разграниченост помеѓу темнината и светлината, каде денес се наоѓа злото?
Злото денес е инфузија. Навлезено е во сите капилари на сите општествени дискурзивни практики.
Не е на едно место, отелотворено во човечка фигура (како во средниот век), туку е капиларно распрснато низ идеолошки структури (апстракции без тело, како што е поимот „партија“), и секако, низ медиумите.
А денес нема нешто или некој кој не е медиум – секој што има мобилен телефон или компјутер е дел од таа капиларна пракса и може да учествува во ширење на злото.
Може да го шири и доброто, ама повеќето избираат да го умножуваат злото. Зошто е тоа така?
Затоа што нема елементарна етичка дистинкција (добро/зло) – онаа што ја имаше средниот век.
Во таа смисла, тој век не беше мрачен век, ние сме најмрачниот век до сега. Имаме технолошки бум, вулкани од електрони, ама произведуваме темнина.
„Човечкото суштество може без храна 15 дена, без вода 7, ама без смисла не може ниту еден единствен миг“. Се изгуби ли смислата на светот во нашиот век?
Целосно. Прашајте еден човек да ви каже која е смислата на неговиот живот.
Ма каков живот, прашајте го каква е смислата на еден негов ден.
Сè повеќе луѓе тврдат дека светот нема смисла.
Смислата е да бидеш сигурен дека некој се грижи за тебе, дека не случајно си на овој свет, дека не случајно постои овој свет, дека се стреми кон некаква цел, дека не е само космичка случајност.
Што е она што најмногу му е потребно на нашиот век?
Да ја побара смислата надвор од материјалното. Сè додека ја бараме смислата во материјата, ќе имаме чувство дека сме гладни. И дека сме ја нашле смислата, дека сме се наситиле со неа како со највкусна храна...
Ама храната се претворила во фекалија и завршила во санитариите.
Е смислата не кружи како материјата: од највкусна храна до фекален отпад.
Таа е вечно вкусна и калорична. Го тврдам ова, иако знам дека денес да тврдиш дека постои нешто вечно – е како да си облекол најстаромоден костум од средниот век.
Нека сум и старомоден, само нека сум среќен, а среќа без смисла ви е слаткарница без шеќер.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело