Венко Андоновски: „Луѓето се гладни за духовни, а не празни разговори, денес имаме технолошки бум, но произведуваме темнина“
- Детали
- среда, 11 јануари 2023
Во колкава мера Јан Лудвик, главниот протагонист во „Папокот на светот“ се развива и созрева во „Папокот на светлината“, што е она што предизвикува толку голем интерес кај македонската публика за овој роман – во интервју за CRNOBELO.com Венко Андоновски одговара на овие прашања, а се осврнува и сопствениот живот како писател и автор кој твори во новото „дигитално“ време во кое според зборовите на писателот секој поединец сам по себе е медиум.
Најљубопитните читатели и оние желни за добра книга веќе го прочитаа „Папокот на светлината“ во издание на Издавачки центар ТРИ, најновиот роман на Венко Андоновски, чие прво издание се распродаде за нецел месец.
Кога ќе сe започне разговор со Венко Андоновски, кој без сомнение може да се нарече жив класик и книжевен џин, знаеш дека секоја негова реченица ќе те нурне подлабоко во суштината на животот, насочувајќи нè кон Светлината по која сите трагаме.
Поминаа 22 години од објавувањето на „Папокот на светот“, кое воедно стана и ваше најнаградувано дело. На самиот почеток од декември излезе вашата нова книга „Папокот на светлината“, 10 години по вашиот последен роман, „Ќерката на математичарот“. За сите овие десет години имавте ли чувство дека на читателите им „должите“ уште романи потпишани со ваше име?
Имав. Бележниците беа полни со белешки. Имав јасни идеи, дури и разработени скици за уште три романи, ама реализацијата ми беше слаба.
Животот носи постојани промени, професионални обврски и проблеми, и ако човек не е професионален писател, а јас не сум – времето си лета. Но, не се грижам.
Книжевноста е лепословие и ако нешто е нејзин најголем непријател, како и на секоја убавина – тоа се брзината и амбицијата.
Веќе сум во години кога не само што ја разбирам, туку и верувам во онаа староотечка мудрост: „Си ги добил сите царства на светот – не радувај се, не е тоа ништо. Си ги загубил сите царства на светот – не тагувај, не е тоа ништо“.
Освен тоа, си постои природен тек на нештата: ќе се случат кога времето ќе стигне, а не кога ти сакаш: плодовите зреат кога им е времето, не кога сакаш да ги продадеш.
А кога навистина ќе немам веќе што да кажам, кога бележниците ќе ми останат празни, ќе престанам да пишувам романи.
Ќе се посветам само на книжевно толкување и критика. И од книжевноста, како и од кафеанска маса, човек треба на време да си замине. Младите остануваат.
Она што се случи на вашата промоција во кино „Милениум“ ќе се зборува со генерации. Луѓето дојдоа да ги слушнат вашите зборови, а си заминаа воодушевени од светлината што се содржеше во разговорот што го водевте со Винка Саздова и Игор Џамбазов. Зошто на град како Скопје му се потребни повеќе вакви (книжевни) настани?
Луѓето се веќе интоксицирани од идеологија. Идеологијата ги покри вечните човекови прашања. Ролан Барт тврдеше дека сета книжевност е напишана на две теми: бесмртност и љубов.
Таа вечер ние зборувавме за тие две теми (и двете се лица на Светлината), а не за влез на Македонија во ЕУ и за цените на струјата.
На луѓето им требаат такви културни дружења. Самиот факт дека за нецел месец се појавува второ издание на романот, говори дека луѓето се гладни за духовни, а не за празни разговори.
За дела, а не за ветувања.
„Папокот на светот“ и „Папокот на светлината“ – читателите често се наоѓаат во дилема. Дали вашиот најнов роман е своевидно продолжение на „Папокот на светот“?
И е, и не е. „Папокот на светот“ беше роман за неприфаќање и отфрлање на младиот и напреден човек од страна на конзервативниот и непроменлив свет на идеологиите и големите „политички“ наративи.
„Папокот на светлината“ е доброволно туѓинување, доброволно напуштање на еден агресивен, перверзен и веќе опасен за душевното здравје свет – нашиот свет на корпоративниот капитализам, кој се сведува на цицање крв и тоталитарна униформност на личноста и нејзината посебност.
Таму беше „Не те прифаќаме, оди си, ни пречиш во лагите“, овде е „Си одам, не ми требаат вашите лаги, ја барам Вистината и Светлината“.
Како во „Папокот на светот“, така и во „Папокот на светлината“, читателите се среќаваат со Јан Лудвик. Како созрева ликот на Јан Лудвик?
Па, од претходниот одговор, произлегува дека созреал до толку да сфати дека хистеричниот капиталистичко-политички антропоцентрик, осоколениот и острастен човек кој за себе мисли дека може сè и дека е Бог, не е папок на светлината, иако за себе мисли дека е семоќен седржител.
Затоа Јан Лудвик си оди во потрага по Светлината: таа е вечна вредност и само таа е Вистината.
Пред некој ден, на ТВ, во некоја второкласна турска серија (според продукцијата) проследив монолог на еден таков осоколен антропоцентрик, полит-капиталист, монолог кој заслужува нобелова награда.
Тој му вели на обичниот, побунет човек (како што е овој мој втор Јан Лудвик), нешто отприлика вака:
„Престани да се бунтуваш, да ја говориш вистината. И да им ја кажеш на сите луѓе вистината, јас утредента ќе им наредам да ја заборават, и тие ќе ја заборават. Банката во која одиш е моја банка. Весниците што ги читаш се мои весници. Попусто се трудиш“.
Тоа го знае мојот созреан Јан Лудвик, и затоа бара нешто потрајно од таа материјална моќ, која иако изгледа несовладлива, ќе се уништи самата себеси, како молец што ја јаде волнената крпа во која се родил.