Христина Наќевска, балерина: „Балетските патики ми се најудобните обувки, учам од примабалерината Александра Мијалкова “
Колку целото тело на балерините е обликувано на посебен начин?
Балетот е естетска уметност , па така ние балерините сме должни да внимаваме на својот изглед, за да се одржи телото во форма.
Покрај здрава и избалансирана исхрана, потребни се и секојдневни вежби, кои ние ги имаме 6 пати во неделата секое утро.
Не секое тело е совршено за балет, но сметам дека со здрава исхрана и правилно вежбање се извлекува најдобрата форма од телото на една балерина.
Колку часови на ден траат пробите?
Работниот ден ни започнува во 10 часот наутро кога се и задолжителните вежби.
По вежбите следуваат и пробите за претстојниот репертоар се до 15 часот, доколку има потреба продолжуваме со работа и од 18 часот, меѓутоа просечно работниот ден ни трае 5 до 6 часа дневно.
Си имала ли повреди досега и какви?
Секоја балерина или кој било спортист барем еднаш во текот на својата кариера се соочил со повреда.
Ниту јас не бев поштедена, пред неколку години имав повреда на зглобот, но не беше ништо сериозно, за среќа се вратив во сала после еден месец.
Што е тоа што балерините го чувствуваат, а публиката не го знае?
За една балетска претстава да изгледа перфектно, потребно е премногу работа, труд, а пред сè дисциплинираност.
Публиката го гледа финалниот резултат, но на тоа претходат напорни и тешки проби, возбуда за претставата, а понекогаш и по некоја солза.
Има ли притисок пред појавување на сцена?
Притисок нормално дека има меѓутоа сè е тоа во позитивна смисла.
Јас пред да излезам на сцена повеќе чувствувам возбуда, размислувам за улогата и за сите забелешки кои ми биле кажани изминатиот период и нормално се концентрирам за тоа што следува.
На колку години балерините одат во пензија? На колку години најчесто е врвот на нивната кариера?
Кај нас балерините одат во пензија на 52 години, а врвот на кариерата, според мене, е помеѓу 30 и 35 години, меѓутоа сепак тоа е индивидуално.
Носиш ли раскошни балетски костими? Како е чувството во балетските патики, те болат ли прстите? Како ги заштитуваш?
Се разбира, за секоја претстава имаме различни фустани или пачки во зависност од стилот на претставата.
Балетските патики или шпиц патики (тие со коишто балерините играат на прсти) се дел од моето секојдневие. Кога за првпат ги облеков нормално ми требаше повеќе од една година за да ми се навикнат прстите, но моментално ми се едни од најудобните обувки.
Во зависност од периодот понекогаш не морам да правам апсолутно ништо за да ги заштитам, а понекогаш користам фластери, но по секоја напорна проба нозете ги ставам во многу ладна вода за да се опуштат за наредниот ден.
Што си посакуваш на поле кариера во иднина?
Си посакувам пред сè добро здравје, нови соработки, повеќе претстави и, се разбира, многу публика.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело