„Македонците се прејадуваат и имаат нередовни оброци“ - Нутриционистот Емилија Спасовска Мојсовска за грешките во исхраната
- Детали
- понеделник, 05 декември 2022
„Нередовните оброци, не консумирањето на вода и течности, како и прејадувањето се најчестите грешки што Македонците ги прават во исхраната, диетите со сиромашни хранливи материи го загрозуваат здравјето, а пациентите што се борат со рак треба да заборават на лошите навики во исхраната“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Емилија Спасовска Мојсовска, магистер по нутриционизам.
Емилија Спасовска Мојсовска (40) е магистер по нутриционизам, која се грижи за здравјето на голем број луѓе во земјава и преку советите за здравата исхрана што им ги дава на нејзините клиенти, таа им помогнала на голем број лица да ја подобрат сопствената здравствена состојба.
За CRNOBELO.com Емилија говори за тоа кои се најчестите грешки што Македонците ги прават во исхраната, говори за тоа на кој начин терба да се промени исхраната кај лицата на кои им е дијагностициран рак, а дополнително нѐ советува и како треба да ја адаптираме исхраната во претстојната сезона на вируси и настинки со цел да го зајакнеме имунитетот.
Погледнете го во продолжение нејзиното интервју за CRNOBELO.com во целост:
Кои се најчестите грешки што Македонците ги прават во исхраната, според вас?
Храната и исхраната, како и физичката активност се многу важни во зачувување односно подобрување и одржување на целокупното здравје.
При исхраната особено во ова време и динамично темпо на живеење сè поприсутна е брзата високопроцесирана, конзервирана храна, индустриски слатки (чоколади) и газирани сокови за кои сметам дека треба да се заменат со здрави и избалансирани оброци и напитоци кои покрај задоволување на чувството за глад ќе придонесат за баланс на организмот и внесување на здрави намирници богати со витамини и минерали и на тој начин ќе ја одржи природна хемостаза на организмот.
Покрај тоа нередовните оброци, не консумирањето на вода и течности (цедени сокови, чаеви) како и прејадувањето се најчестите грешки кои секојдневно се повторуваат.
Кои традиционални македонски јадења вие сметате дека треба да се избегнуваат или воопшто да не се консумираат?
Традицијата ја отсликува и културата на еден народ, преку храната која низ векови се консумира и начинот на подготовка кој традиционално се пренесува низ генерации ја гледаме културата и навиките на нашите предци.
Постојат многу традиционални јадења на нашето поднебје, но исто така и многу модификации при начинот на подготовка на истите.
Во денешно време голем дел од оброците се модифицираат, изменуваат - се додаваат намирници или не се употребуваат при подготовката, со тоа се зачувува традицијата, но се модернизира и адаптира оброкот кон актуелните трендови.
Според мене, од традиционалните јадења сметам дека најголем дел од јадењата треба да се задржат со корекција односно измена на некои намирници при подготовката, односно да се употребуваат природни зачини и да се води сметка во количината и употребата на готварската сол.
Од друга страна булгурот, јачменот, пченицата кои изобилуваат со хранливи материи, а се подзаборавени житарици препорачувам да бидат се поприсутни во секојдневната исхрана.
Зошто луѓето најчесто бараат помош од нутриционист?
Кога ќе се спомне професијата „нутриционист“ првата помисла е за стручно лице кое дава програм на исхрана и помага во намалување на килограмите меѓутоа работата и ангажманот на нутриционистите е во многу широки размери
Покрај како што спомнав работата на создавање на персонални програми на исхрана за намалување на килограмите, правиме програми за зголемување или одржување на телесната тежина.
Нутриционистите се вклучени и во изготвување и спроведување програми за превенција и сузбивање на хронични незаразни заболувања поврзани со храната и исхраната.
Исто така една од работите на нутриционистите која е од особена важност е во индустријата за храна: како стручно-обучен кадар се вклучени во производство, контрола на квалитет и подготовка на храната, во лабораториите за развивање на нови видови на храна и хранливи додатоци, и во центрите за анализа и контрола на храна.
Покрај истражувачката и производствената улога, нутриционистите играат важна улога по подигнување на свеста на општата популација за придобивките од здравата исхрана и здравите навики.