Даријан Стојаноски: „Изгубив работа, имав долгови, настапија анксиозноста и депресијата, но си пронајдов лек“
Дали ти помага тренирањето и наклонетоста кон калистениката? Дали веруваш во тоа дека навистина во здраво тело е и здрав дух, односно психа?
Да. Калистениката ми помогна најмногу. Конечно се вратив во некоја форма и не планирам да престанам тука. Анксиозноста, паничните напади и депресијата се сведени на минимум. Не велам дека се целосно отстранети, но се трудам веќе да ги нема.
Психата најдобро се лекува со разговор, тренинг, медитација.
Задоволството после секој тренинг е неописливо. И тука нема простор за нешто негативно да допре. Исхраната ти е подобрена, сонот ти е подобрен, секое утро се будиш со нов предизвик. Секој ден ти е позитивно различен.
Што мислиш дека дополнително треба да се направи за луѓето како тебе кои се борат со анксиозноста, паничните напади и депресијата? Дали недостасуваат соодветни системи и модалитети во општеството?
Недостасуваат и соодветни системи и соодветна едукација за анксиозноста, паничните напади и депресијата. Потребно е да се направи многу како во Македонија, така и во Германија, и во сите останати држави. Овие три појави се исти секаде. Нема разлика.
Несоодветното третирање на овие три појави може да резултира со уште полоши исходи, а како што видовме, кај некои случаи завршува и со смрт.
За почеток потребно е да се подигне свеста на многу високо ниво. И преку тоа, да се преземат соодветни чекори од страна на владите, од образовните системи, од самите држави.
https://www.instagram.com/p/Bp5EXshnXIM/
Кој е твојот најголем двигател во животот? Што е тоа што те крепи и ти дава надеж и покрај оваа борба, да чекориш напред?
Најголем двигател во мојот живот е мојата фамилија. И за секој треба да биде. Не постои нешто поубаво од фамилија која живее во слога, и си дава поддршка. Мојот татко секогаш вели дека еден ден ќе биде подобро за сите, само треба да сме заедно и да не се откажуваме.
Имам помала сестра и помал брат за кој знам дека треба да сум тука секогаш. За нив тројцата. Тоа ме прави борец. И тоа ми дава надеж да се борам за сите.
Животот е еден и е толку вреден, што треба да го негуваме, за и тој да не негува нас.
За крај, што би им порачал на нашите читатели кои се борат со анксиозност, панични напади и депресија?
Би сакал да им порачам дека иако многу нешта им се чинат безизлезни, има излез, и има решение. Секој живот има иста вредност. Сите сме еднакви.
Би има порачал и дека нема срам во тоа да признаете дека се борите со анксиозност, панични напади и депресија. Бидејќи моментот кога ќе го признаете тоа, сте на пола пат за да можете соодветно да ги адресирате, и да се излекувате од нив, или барем да ги држите под контрола.
Би сакал да ги охрабрам да говорат за ова. Да го подигнат својот глас и да не чувствуваат срам. Преку тоа што ќе кажат, може да се случи да спасат нечиј живот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кирил Ангелов | Црнобело