Јосип од Македонија стапи во брак со Полин од Камерун: „Имавме традиционална свадба во Камерун, се играше и македонско оро“
Правевте свадба во Камерун... Долови ни ја атмосферата, кои се нивните најинтересни обичаи?
Да, ја направивме традиционалната свадба во Камерун во мај. Беше навистина искуство што се доживува еднаш во животот.
Подготовките траеја околу година дена и на моменти беа навистина стресни, најмногу поради договарање на работите преку интернет и далечина.
Посебно напорна беше последната недела пред свадбата кога стигнавме во Камерун. Требаше да се проверат и средат сите детали околу свадбата и плус за мене беше запознавање и адаптирање на новата средина и запознавање со многу нови луѓе.
Многу сум им благодарен на потесното семејство и најдобрата пријателка на сопругата и нејзиното семејство за несебичната помош за сите работи околу свадбата, без нив ќе беше многу потешко да се средат некои од работите. Но, завршниот ден и самата свадба беа фантастични и целиот напор и стрес се исплатеа на крај.
Самиот ден помина без ниту една капка дожд и ниту една минута на прекин на електричната енергија, што е многу честа појава како и дождот, бидејќи во мај почнува сезоната на дождови во Камерун.
Денот беше навистина долг и имавме подолго доцнење поради купувањето на работите што беа на листата на работи што требаа да бидат обезбедени за семејството од каде што потекнува сопругата. Тоа е еден од обичаите во Камерун околу традиционалната свадба.
Семејството на невестата доставува листа од работи што младоженецот треба да ги купи и достави до семејството ако сака да ја земе невестата.
Листата најчесто се состои од храна како ориз, компири, сол, брашно, масло за јадење, па сè до животни како кокошки, гуски, прасиња и слично. Поради тоа што претходниот ден беше национален празник во Камерун, сите работи мораа да бидат обезбедени на денот на свадбата, па наместо на пладне целата церемонија започна рано вечерта.
На мал собир на семејствата беа презентирани сите работи што беа побарани. Бидејќи од мојата страна беше присутен само татко ми, ја имав честа да имам „камерунски родители“ кои многу ми помогнаа и го олеснија завршувањето на овој обичај.
По завршувањето на овој обичај започна традиционалниот дел од свадбата во салата што беше посебно приспособена во приземјето на семејната куќа. На почетокот на церемонијата, по говорите на водителот на свадбата и на членови на семејствата, следуваше еден од обичаите кои за мене беше можеби и најинтересниот таа вечер.
Група од повозрасни госпоѓи (т.н. „мајки на денот“) од страната на невестата носат различни девојки покриени и целта е младоженецот да погоди дали е вистинската невеста. За секое носење и за секое погрешно погодување на невестата бараат одредена сума на пари за трудот што го направиле со многу интересни и смешни коментари.
По откривањето на вистинската невеста, следуваше делот со благословот од таткото на невестата со пиење на палмино вино од заедничка чаша во облик на рог заедно со невестата. За сето ова време бевме облечени во традиционална облека од крајот од каде што потекнува фамилијата на сопругата.
По овој дел следуваше промена на облеката на младоженците и на сватовите повторно во традиционална облека со претходно одредена боја/стил, и јас на мене морав да носам нешто од материјалот што беше направен фустанот на сопругата.
По ова, следуваше ревијалниот дел со пристигнувањето на младоженците и девериците и деверите со заеднички танц. Како дел од заедничкиот танц сопругата заедно со нејзиното семејство, девериците и деверите изразија заинтересираност да научат и нешто од крајот од каде што потекнувам јас.
Па, така за тие неколку дена колку што бев во Камерун им покажав и ги научив како да го играат правото оро, па така македонското оро се најде на традиционалната свадба.
По ова следуваше многу музика, играње и храна до раните утрински часови.