Емилија од Велес, мајка на дете со аутизам: „Андреј (10) беше напредно дете, но по вториот роденден сè се промени“
Имате ли семејна историја на аутизам?
Не, во нашите семејства и во моето и во семејството на сопругот не сме имале случај на аутизам. Андреј е прв. Но, според истражувањата аутизмот не е нешто што може да се пренесе низ генерациите.
Колку аутизмот различно се манифестира од една до друга индивидуа?
Аутизмот е состојба, кога една личност има проблем со комуникацијата и социјализацијата со околината. Може да има функционален вербален говор, но да има пречки во комуникацијата со другите луѓе.
Од тука не секогаш лицето со аутизам имаат пречки во менталните или интелектуалните способности. Многу лица со аутизам имаат извонредни ментални и интелектуални способности, но проблем е да се стимулираат, откријат и покажат.
Познаваш ли други родители со дечиња со аутизам? Постои ли некое здружение за поддршка?
Познавам многу други родители и дечиња со аутизам. Се обидувам да имам комуникација со некои од нив и да си бидеме поткрепа и охрабрување едни на други.
Знам дека постојат некои невладини здруженија, но јас искрено не сум активист на ниедно од нив.
Колку околината има разбирање за лицата со аутизам?
Околината многу малку знае за аутизмот, па поради тоа и не знаат многу често како да се однесуваат и да реагираат кон лицата со аутизам.
Затоа јас се обидувам колку можам повеќе да организирам активности, предавања и сл. за да луѓето се запознаат со аутизмот.
Апелирам до сите родители на деца со аутизам, а особено до стручните професионалци да преземаат што повеќе активности за луѓето да се запознаат со аутизмот. А родителите да не ги „кријат“ своите деца дома, нека им дозволат да бидат дел од околината, само така околината ќе се навикне на нив и ќе ги запознае, прифати и ќе научи да ги разбира.
Колку пишувањето ти е лек за душата? Колку книги имаш напишано и која книга му е посветена нему?
Не, пишувањето не го користам како лек за душата. Пишувањето го користам за да пренесам одредена важна порака на луѓето.
Имам напишано девет книги, ја привршувам десеттата. Сите се фикција, повеќето романи, само книгата „Детето во снегот“ е збирка раскази во кои на реален начин, но и на фиктивен и психолошки го претставувам нашето патување низ „студенилото на снегот“ т.е. аутизмот.
Во оваа збирка има реални наши доживеани случки, но и некои симболични и метафорички. Ова е моја единствена книга со автобиографски елементи. Ја напишав за да им кажам на другите родители кои се соочуваат со аутизмот дека не се сами и дека веќе некој пред нив „разгазувал низ снегот“, но исто така ја напишав и за оние луѓе кои немаат контакт со аутизмот и не знаат ништо за него за да се запознаат, зашто процентот на деца со аутизам е сè поголем, па никогаш не се знае дали нема да наидат на лице со аутизам во блиското или пошироко семејство или во блиската околина.
Оваа книга целосно е посветена на децата со аутизам, па така и целиот мој авторски хонорар од продажбата на книгите од првото издание, сега од второто и секое следно ќе биде донирано за потребата на некои дечиња со аутизам, зашто верувајте ми тие и како се многу и скапи.
Никогаш не знаеме дали токму ние нема да бидеме поттикнувачи на некое големо чудо, со само еден мал гест, зашто „Чуда постојат, но понекогаш зависи од нас дали ќе се случат.“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело