Мајката на малата хероина Дариа која ја победи леукемијата: „9 месеци беа разделени со братчето, откако излеговме од болница не се двои од него“
- Детали
- четврток, 28 јули 2022
„Дариа ненадејно почна да го губи апетитот и стана многу бледа. Лекувањето од леукемија трае од 7 до 9 месеци и се состои од 3 циклуси хемотерапија, а поради јаките хемотерапии поголем дел е со престој во болница. Девет месеци сопругот и синот ги гледавме само од тераса“ – вели за CRNOBELO.com, Азра Чулевиќ, мајката на малата хероина Дариа која ја победи леукемијата и неодамна ја напушти Детската клиника во Скопје.
Минатата недела македонската јавност имаше можност да проследи како 3-годишната Дариа Чулевиќ од Скопје по 9-месечното лекување од леукемија придружувана од братчето Дарис конечно заѕвони на ѕвончето во Детската клиника и си замина оттаму.
Мајката на Дариа, Азра Чулевиќ (33) која е невработен економист, во разговор за CRNOBELO.com откри повеќе детали за тоа како ненадејно дознале за болеста на нејзината ќерка, но и за тоа како течело лекувањето.
Раскажува како ги поминале изминатите 9 месеци додека заедно со Дариа ја воделе најтешката битка за животот. Од мигот на утврдување на дијагнозата, сѐ до мигот кога Дариа заѕвони на ѕвончето, како траел целиот процес на лекување, но и што е она што следува по излегување од болницата.
Проследете го ексклузивното интервју на Азра за CRNOBELO.com во продолжение:
Кажете ни накратко какво детенце беше Дариа пред дијагнозата? Имаше ли нешто што ви беше чудно во нејзиниот развој?
Дариа од секогаш била и сѐ уште е едно весело, среќно и позитивно дете. Како што може да се забележи на сите нејзини фотографии, таа и пред болеста и додека траеше целото лекување имаше огромна насмевка на лицето.
Кои беа првите симптоми дека нешто не е во ред со Дариа? Како ја добивте дијагнозата?
Дариа ненадејно почна да го губи апетитот и стана многу бледа. Првичните анализи покажаа дека се работи за анемија. По 30 дена терапија, немаше никакво подобрување. Во меѓувреме имаше покачена температура на секои 3 до 4 дена, голема слабост во зглобовите на рацете и нозете и наеднаш почна да губи на тежина.
Тогаш решивме дека е време да одиме на Детска клиника и да ги направиме сите можни подетални анализи, бидејќи не ни беше сфатливо дека се работи за анемија, а да нема ниту еден процент подобрување. Оттука започна целата наша приказна.
Како реагиравте кога дознавте дека вашето дете боледува од леукемија?
23.11.2021 година кога ни го соопштија резултатот, се сеќавам на тој ден како да беше вчера. Плачевме со денови, едноставно животот ви поминува пред очи во тие моменти.
Но, од вас зависи кој пат ќе го следите. Ние се одлучивме да се смееме и танцуваме, дури и кога деновите ни беа најтешки.
Дали братчето на Дариа знаеше за болеста и како го прифати тоа?
Од самиот старт, братчето беше вклучено во сѐ. Сепак станува збор за лекување од подолг период и мислам дека секогаш најдобар избор е кога се разговара отворено за сѐ.
Првите 3 до 4 недели му беше тешко да прифати дека ќе бидеме разделени толку долго, но со тек на време сфати дека тоа е за доброто на Дариа.