Мајката на малата хероина Дариа која ја победи леукемијата: „9 месеци беа разделени со братчето, откако излеговме од болница не се двои од него“
Колку време траеше лекувањето и како течеа процедурите? (Дали имаше некои ограничувања во болницата со оглед на тоа што за време на лекувањето сѐ уште беа на сила мерките за заштита од ковид?)
Лекувањето трае од 7 до 9 месеци и се состои од 3 циклуси хемотерапија. По завршување на секој циклус се прави пауза дома од 10 до 15 дена. Но, поради јаките хемотерапии поголем дел е со престој во болница и потребен е целосен надзор од лекар.
Бидејќи дечињата со оваа дијагноза се премногу осетливи и со ослабен имунитет, строго беше забранета посета. Дури и за најблиските членови од семејството.
Имавме голема тераса, на која можевме само во попладневните часови да излегуваме. За жал, само од таму можевме да се гледаме со сопругот и синот.
Кој ви беше најголема поддршка за време на лекувањето, без кого немаше да го издржите целиот тој процес?
Најголема поддршка имавме од семејството. Меѓутоа, тука морам да ги споменам и сите медицински сестри од хемато-онколошкиот оддел и многу голем број на луѓе од социјалните мрежи кои ни пружаа огромна поддршка секојдневно.
Бескрајно сум им благодарна на сите!
Како изгледа лекувањето со хемотерапија за дечиња? Како Дариа го поднесе целиот тој процес?
Да не се лажеме, лекувањето е премногу тешко.
Се започнува со мала хируршка интервенција, во која се вградува централен венски катетар во главната артерија. Преку тој катетар се примаат сите хемотерапии.
Секојдневни контроли, анализи, пункции, лумбални и на крај хемотерапии, можат сериозно да го пореметат животот на едно мало детенце.
Сите дечиња кои се дел од ова секојдневие, не се борат само со болеста туку и со сите споредни ефекти од лекувањето. Губење на коса, слабост во нозете, мачнини, повраќање, дијареа, афти во устата се само дел од симптомите кои го следат овој вид на терапии.
Дали тоа што целиот процес го споделувавте јавно на Инстаграм ви помогна полесно да се справите со ситуацијата и зошто одлучивте да го правите тоа?
Како што напоменав, многу голем број на луѓе од Инстаграм ни пружаа огромна љубов и поддршка секојдневно.
Да бидам искрена, на почетокот се двоумев дали да го деактивирам профилот на Дариа, но решив да ја кажам вистината и да не молчам за болеста.
Сфатив дека ништо нема да можам сама и дека е најважна поддршката и сите совети.
Најмногу од сѐ, сакав да видат како едно мало детенце секојдневно се бори и да им биде пример!
Како се чувствувавте дента кога ви кажаа дека сте слободни и можете да си одите дома?
Последните 2 недели додека бевме на клиника, секој ден очекувавме да ни кажат дека си одиме дома.
Дента кога ни кажаа, скокавме и плачевме од среќа. Не можев да поверувам дека конечно е готово и нема да се вратиме повеќе таму.
Која беше првата желба на Дарија по излегувањето од болница? Што посака да направи најпрво?
По излегувањето од болница отидовме дома. Дариа имаше единствено желба да биде со братчето и не се одвои од него ниту една секунда.
Што следува по излегувањето од болница? Дали ќе треба да правите контроли и колку често?
Иако завршивме со сите хемотерапии во болница, лекувањето сега продолжува во домашни услови со таблетарна терапија и ќе трае најмалку 15 месеци.
За тоа време ќе имаме контроли на секои 10 до 15 дена.