Александар Маркоски: „Со велосипед поминав 11 земји и извозев 3.800km за 76 дена - спиев во шатор, хостели и хотели“
Сам ли беше? Наоѓаше ли друштво по пат? Возеше ли навечер?
Патувањето го започнав сам, и да често патувам сам, но ретко кога сум навистина сам, попатно запознав многу, изненадувачки многу велосипедисти и луѓе кои патуваат алтернативно и свесно.
Од вкупно 2.5 месеци околу 1 месец возев со друштво, возев во друштво на прекрасни дечки од Чиле, Јужна Африка, Франција, Италија, Германија, Холандија...
Запознав фасцинантни парови од Холандија и Германија кои имаа преку 70 години и возат велосипед низ Европа со просечни 70km на ден.
Која земја е најтешка за возење?
Тежината на патеката во голем дел зависи од нашето расположение, етапата во Шпанија воедно и моја прва земја на ова патување беше и најдолга, околу 1.400km и имав чувство дека сум премногу спор и никако да излезам од Шпанија, но тоа и не ми пречеше зошто се работи за прекрасна земја.
Ридовите во Тоскана, Италија, ме изненадија со својата тежина и за првпат преставуваа предизвик и за моите колена, да не занемариме дека целокупната тежина на велосипедот беше околу 60 килограми.
Имаше ли некоја незгода на пат?
Ако ги занемариме двете дупнати гуми, неколкуте блиски разминувања со камиони, загубениот паричник (го пронајдов откако се вратив 30km преку една планина назад) и удавениот дрон, поминав доста безбедно и без некои проблеми кои би донеле последици како врз мене, така и за ова патување.
Најубавиот миг што го доживеа?
Навистина е тешко на едно патување со ваков интензитет да се одлучам за најубавиот миг, најубавото место, најдоброто искуство.
Скоро секој момент на ова патување беше впечатлив и значаен сам по себе, без разлика дали беше позитивен или негативен. Воглавно се соочив со самиот себе, се запознавав и попатно растев ментално, духовно и физички.
Но, сепак би издвоил неколку моменти, бидејќи сум страстен ловец на зајдисонце и изгрејсонце особено уживав во изгрејсонцето во еден национален парк во Шпанија на плажа, зајдисонцето во првиот заеднички камп во Франција со двајца велосипедисти, еден од Јужна Африка, другиот од Чиле, како и многуте спонтани средби со други велосипедисти, секој со своја приказна и мотив позади себе.
Тешко ли е да се вози на секакви временски услови? Со што се соочи?
Возењето на дожд за мене не е пријатно и се обидував да ги избегнам овие денови на патот и да направам пауза во некој град.