Камењар – урбан лик од скопската шема, по која чувствуваме носталгија, некогашен член на „Нови Дечки“ и криминалист (фото)
На тема што го исполнува најмногу во животот, покрај семејството, вели...
„Патувањето ми е најголема слабост и кога би имал многу пари, нонстоп би патувал, не би застанал. Би сакал да си купам трајлерче и со него цел свет да го вртам. Откога ми се родија децата, на руба многу не гледам, ништо не сум си купил, сите парички одат за нив…
Не сум некој љубител на добри и скапи автомобили, не ме интересира тоа. Имам Хонда Акорд од 2007 година и искрено додека топ ме служи не би ја сменил, иако ја возам само кога се оди на одмор. Претежно се движам пешки, велосипед, скутер, зависи од обврските и потребите.“
Го прашавме „Дали постои тајна за среќен брак“...
„Тајна за среќен брак не постои. Има убави и лоши моменти, но ако веќе морам да одговорам, мирот во куќа го прават финансиите. Кога добро заработуваш, најдобар си на цел универзум, ако си пепел, ни огледалото не те сака.
Смеењето и хуморот ги сакам повеќе од себе и мислам дека и такво ни е друштвото, сите имаат некакви досетки, малку пософистицирани што не би можел секој да ги сфати. Искрено многу се смееме сите другари што се дружиме, поготово во петок во меанче има смеење до болка.
Не да се фалам, но сметам дека сум забавен лик, не би ви било досадно со мене. Дрдорко сум.“
На тема Скопје и ноќниот живот некогаш, вели:
„Скопје ми беше најубав град, многу го сакав, но 10 години наназад повеќе не го сакам, дури и би се иселил од него.
Скопје беше град синоним за добра забава, слобода, дружење, гостопримливост, градот беше жив 24 часа неделно, 365 дена во годината, сличен на Солун и Белград.
До пред неколку години, каде и да бев на одмор, патување или што и да е, едвај сум чекал да се вратам во Скопје, да излезам, да се видам со сите, да заглавам до изгрејсонце. Сега, сега од каде и да се враќам ми се темни и станав екстремен, не се ни јавувам кај најблиските бидејќи сум се вратил дека 2/3 дена и сум во блага депресија и разочарување.
Ноќниот живот во моите тинејџерски години започнуваше од 21 часот и траеше минимум до 5 часот по полноќ, за викенди, пролет и лето дури и до 8/9 наутро часот што беше и претерано.
Градот беше чист, во локалите и дискотеките излегуваше еден одреден круг на луѓе и никој друг не можеше да влезе, многу беше строга селекцијата. За да те запознаат и за да почнат да те пуштаат требаше да го заслужиш тоа, си имаше хиерархија.
На некој начин извесно време требаше да излегуваш со некој познат за да те пуштат, како во стил да те препорача и презентира пред сите дека си ОК момак, дека не си проблематичен и задолжително беше да те прифатат другите, односно главните што го водеа во тоа време цел ноќен живот.
Излегувањето беше од убаво, поубаво секој ден. Музиката беше врв, насмеани луѓе, сите се гушкавме и бакнувавме кога се поздравувавме, немаше љубомора, завист, пакост, злоба, сите горе доле бевме исти, на подиум се денсаше цела вечер, таму и беше ловот и цела дешаванка.
Натпреварот беше во природната убавина и дарбата што ти ја дала природата да бидеш што повеќе харизматичен. Училиштето ако ти беше слабост, не проаѓаш никаде, на некој начин те сметаа за прост и глупав.
Сега најмногу недостига дружењето меѓу луѓето, искреното дружење. Некако сите се поделија на повеќе основи, а најмногу од сè што ме загрижува е тоа што гледам дека младите машки многу не се заинтересирани за девојки или пак таков им е стилот на новите генерации. Најмногу што ме нервира што излегуваат по 5/6 машки како ескадрон, да се уплашиш, мислиш бараат некој да го претепаат.
Кога требаше да ѝ се засукам на некоја девојка што ќе си направев фама за неа, понекогаш и вежбав дома како ќе зборувам, што фаца ќе направам, глумев пред огледало како да сум на кастинг за трилер/комедијa.
Многу, многу убави времиња беа тоа, никогаш нема да се повторат и сум многу среќен и радосен што сум фатил и живеел во тоа време, секогаш се навраќам во спомените и се чувствувам бомбастик фантастик, но често и ми се насолзуваат очите, ми се стега срцетo.
Најдоброто од сè во тие времиња беше тоа што сите беа спокојни, среќни, весели, релаксирани. Сега, сега младиве не знаат што дa прават сами со себе. Хуморот им е сведен на возраст од 7/8-мо одделение.
Најубавите спомени од тие времиња ми се тоа што никогаш не си одев сам дома.
Не би можел да издвојам посебно кои беа тогаш главни фаци затоа што изборот и конкуренцијата беше многу голема, сите беа фаци на некој начин, многу мангупчиња имаше за разлика од сега.
Сега најмногу од сè недостасуваат финансии, се сменија тотално и дрско сите критериуми, не е важно веќе кој си, туку колку имаш и колку трошиш, а како си дошол до средствата, не е важно. И да си дилер, насилник, тупчо глупчо, поминуваш секаде ако трошиш пари. И на девојчињата веќе не им е важно кој си, само да си поминат убаво вечерта, мува не ги лази за друго.