Ивона Зотевска: „Дијагнозата мултипла склероза на 36 години ми беше шок, но децата ми се инспирација за да бидам позитивна“
Колку болеста ти влијае на квалитетот на живот?
Дефинитивно животот ми се смени, но сум голем оптимист и мислам дека секое зло е за добро.
Го сменив начинот на исхрана, ги заменив лошите навики со добри, се трудам да водам што понормален живот, се дружам со пријатели, излегувам со моите соборци (така се викаме меѓусебе), се поддржуваме, си делиме совети, се смееме...
Каква терапија практикуваш? Посебна исхрана, вежбање, терапија?
Голем е списокот, но мора секој да си ја најде својата најдобра комбинација. Јас започнав со правилен режим на исхрана, за тоа многу ми помогна нутриционистот Цвета Динева. Плус, се трудам секојдневно да пешачам, да одам на јога, масажи, да внесувам витамини и суплементи.
Те плаши ли помислата на иднината? Како успеваш да ја задржиш таа ведрина со која зрачиш?
Секако дека ме плаши, но реално кој знае што ќе биде утре? Никој! Животот мора да продолжи, ќе задава шлаканици, ама ќе го вртиме образот, затоа што тоа е животот - секојдневна борба, а јас имам за кого и за што да се борам, да се смеам, да се дружам, да живеам.
Големиот круг на пријатели, со и без МС, заедничките дружби, кафиња, отворениот пристап кон болеста и желбата да се едуцираат сите (со цел полесно да ме разберат) ми дава уште поголема желба и волја за живот.
Што се промени во твојот тек на живот?
Сè се смени, енергијата ми се намали за 90%, сè уште не можам да се препознаам. Има и лоши и добри денови, но гледам обврските да си ги завршам во добрите, да се посветам на децата.
Едноставно темпото што го живеев веќе не е исто, но тоа е што е.
Актерката Селма Блер отворено говори за соочувањето со оваа болест… Колку сметаш дека говорењето на темата помага?
Ја обожавам Селма Блер, но има и други кои јавно зборуваат, а и не гледам зошто не би, и ова е болест како сите други, и мислам со тоа што повеќе луѓе дознаат, толку повеќе ќе се крене свеста за истата. Инаку, месец март е „MS awerness month“, односно месец за поткревање на јавната свест за болеста мултипла склероза.
Што би им порачала на другите што се соочуваат со оваа дијагноза?
На сите мои соборци им посакувам добро здравје и што полесно да се справат со болеста, и им порачувам да си го слушаат своето тело и ум, да одмораат што почесто, да избегнуваат стресни ситуации (колку што е можно) и да не се срамат од себе и од болеста.
Да зборуваат отворено и да им помогнат на тие што не знаат полесно да научат, да се едуцираат,за подобро да нè разберат. Ве гушкам.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело