Верче Атанасова: „Добив дијагноза рак на 31 година, мојот 12-годишен син со солзи во очите ме молеше да издржам“
- Детали
- вторник, 23 ноември 2021
„По отстранувањето на 'цистата' од градата, резултатите беа шокантни за мене. Не е циста, туку рак на дојка! Често пати си помислував зошто баш сега во најубавите години од животот болеста ме покоси толку ненадејно и агресивно. Жалосно беше да ги гледаш луѓето кои ги сакаш како се измачуваат заедно со тебе, особено син ми. Често пати ќе се погледнев во огледало гледав друга жена и си мислев како ракот си го зема своето…“, раскажува Верче Атанасова за справувањето со дијагнозата рак на дојка на 31 година.
Верче Атанасова (35) од Гевгелија, која работи како рецепционер во Казино Фламинго Хотел на само 31 година добила дијагноза рак на дојка.
Нејзиниот 12-годишен син ѝ бил најголемата инспирација да ја издржи тешката битка.
Сега, откако сето тоа е зад неа, таа ја раскажува својата приказна за CRNOBELO.com:
На колку години ја доби дијагнозата рак на дојка? Како се справи со шокот?
Дијагнозата ја добив на 31 година. Најпрво започна со болна грутка на дојката и драстично почнав да слабеам.
Го занемарував фактот дека може да е нешто сериозно и никако не одев на преглед, но по неколку месеци болка, по сугестија на мајка ми, отидов кај мојот матичен гинеколог, кој веднаш ме упати да направам биопсија.
По направената биопсија докторот ми рече дека се работи за гнојна циста и дека веднаш мора да се отстрани. По отстранувањето на „цистата“ резултатите беа шокантни за мене. Не циста, туку е рак на дојка.
Си реков не е можно премногу се чувствувам здраво за да имам рак. За малку ќе се струполев, но со напори го издржав зададениот удар кој само што почнуваше. Во тој миг само што влегов во рингот во борба со непријателот.
Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето?
Најпрво ми направија уште една операција делумна масектомија и ги извадија лимфните жлезди. Знаев дека е само почеток на едно многу макотрпно патување, кое за жал не само јас туку и луѓето околу мене мојата фамилија, а посебно мојот 12-годишен син ќе го минуваат заедно со мене.
Следеа 8 хемотерапии и 25 зрачења. Но, ете животот понекогаш ги менува нашите планови без разлика дали ние сакаме или не. Често се двоумиме како да ја средиме нашата фризура или се наоѓаме пред некој важен проект, но оддеднаш завршуваме со избричена глава прифаќајќи ги работите онакви какви што се.
Кој ти беше најголема поддршка и без кого не би го издржала целиот овој процес?
Најголема поддршка ми беа мојата фамилија, мајка ми, татко ми, сестра ми, а пред сè син ми, кој со солзи во очите ме молеше да бидам покрај него и дека сум му потребна.
Сè уште ги помнам неговите зборови кога лежев на болничкиот кревет полумртва со страшни болки „Те молам мамо не умирај, не ме оставај, те молам бори се за мене.“ Заради него чекорев по ходникот на неизвесноста, горда на себе дека Бог најтешките битки им ги дава на неговите најголеми борци. Тоа впрочем беше и моето мото!
Како реагираа пријателите кога им ја кажа дијагнозата? Како ѝ пристапија на ситуацијата?
Некои пријателства се чини дека се судени да траат засекогаш. Со мене плачеа уште од самиот почеток на дознавањето на дијагнозата, па сè до крајот на црниот тунел.
Го делеа со мене секој момент на тага и иако минував низ многу деликатен период од животот, останаа покрај мене и несебично ја делевме позитивната енергија од облаци, а најдоброто од сè на светот беа нашите слатки шеги, што за мене многу значеа бидејќи никој од нас не знаеме што ни носи утре и каде ќе завршиме, а другарот не се сака само на убавата софра полна со јадење и пиење, туку и кога е во болнички кревет сосема неподвижен.
Им благодарам што со мене ги споделија сите тие работи и ми покажаа што всушност значи другарството. Среќна сум што ги имам најдобрите колеги и колешки на цел свет.
Што значи да се прима хемотерапија? Имаше ли негативни ефекти, како се справи со истите?
Xeмотерапиите делуваа многу деструктивно на мене и моето тело, па освен што ми падна косата, болките во коските беа премногу силни, но некако самата си направив заштитно оружје и оклоп.
Си направив таканаречен плацебо ефект, така што „отровот“ кој течеше низ моите вени си велев дека е магично средство за долг живот и еликсир на младоста и со ова ќе бидам жива, здрава и убава. Па, почнав и самата да верувам во тоа.
Запознав многу жени со истиот проблем, па имавме многу дружби и смеа и барем за момент заборававме на сета болка што ја чувствуваме. Таму сите бевме исто и немавме избор освен да ја прифатиме сегашноста онаква каква што е за подобра иднина.
Всушност, јас сум многу позитивна личност и сакам да се смеам и да се дружам со позитивни луѓе без разлика колку е тежок животот.
Зошто медицинските лица од онкологија се луѓе со срце планина?
Навистина би сакала да ја искористам можноста да ги поздравам мојот онколог доктор Илир Исмаили и сестра Ели и целиот персонал на онкологија бидејќи се навистина луѓе со срце од планина и несебично се грижеа за мене и сè уште се грижат.
За да ја добијам оваа битка имав навистина цела армија луѓе зад мене. Почнувајќи од мојот хирург од Гевгелија доктор Савко Паноров и неговиот тим, радиолозите и мојот матичен лекар.
Како помина со зрачењето? Тежок ли е овој дел од лекувањето?
Имав 25 зрачења и бев сместена во клиниката за Радиотерапија и Онкологија. Немав некои посебни тешкотии при зрачењето освен што имав малку изгореници на оперираниот дел.