Данче, гевгеличанка која љубовта ја одведе во Србија: „Во Нови Сад имаме плажа на реката Дунав, јавниот превоз е беспрекорен“
Како дојде до идеја да се занимаваш со Food art? Од каде црпиш идеја за дизајн на детските оброци и дали навистина успева тоа кај децата? Ти помагаат ли во подготовката?
Почетоците се врзани со почетокот на пандемијата и препораките да се седи дома, почнав да смислувам разни активности како да ги анимираме децата и да поминеме што поквалитетно време со нив дома. Една од тие активности беше и декорирање на храна. На почетокот готвевме заедно, правевме колачиња, ја средувавме кујната, го миевме зеленчукот и овошјето, ја поставуваме масата за јадење…
Буквално ги вклучив децата во целиот тек на подготовка на оброците и некако спонтано почнавме да правиме занимливи облици со овошје кои веќе ги имав видено на интернет и тоа многу му се допадна на постариот син.
Со текот на времето тој стануваше сè покреативен, а јас повешта и почнавме да правиме приказни на „тањирче“, па со текот на времето почнав да скицирам и да реализирам мои идеи. Многу ми е жал што многу малку слики имам од тој период бидејќи тогаш немав никаква намера сето ова да прерасне во тоа што е денес.
Овие „шарени тањирчиња“ настанаа како резултат на една игра и забава, тоа се и денес… Тоа не е начин на кој ги хранам децата, ама е добар начин да ги поврзете децата со храната, за нив целиот тој процес им е интересен и многу уживаат во истиот, а притоа учат за боите, вкусовите, текстурите, развиваат фина моторика и е еден супер начин кој ве зближува и вас како родител со детето, а на крај ќе ви биде драго и кога детето сè слатко ќе изеде.
Мојот профил е јавен и правам наменски постови за Инстаграм кои не се секогаш поврзани со децата, некогаш тоа се постови преку кои сакам да раскажам нешто интересно, да презентирам некој рецепт, некогаш нешто ми е предизвик да го направам, а некогаш се постови наменети за дечињата.
Со децата декорирам секогаш кога тие имаат желба за декорирање и тоа воопшто не изгледа така како кога креирам постови. Во главно тие се во фаза кога сакаат заедно да правиме сè, заедно да сечкаме овошје или зеленчук, а тие сами да го редат и во главно прават цветови, виножиа.
Јас сум тука само да асистирам и да дадам некоја инструкција, а во тоа е убавината на овие декорирани тањирчиња: да ги вклучите дечињата и им дозволите децата да прават свои приказни.
Кај нас моментално е борба кој ќе готви со мене, сите многу сакаат да ми помагаат. Но, кога креирам постови наменски за Инстаграм ги правам сама бидејќи во главно декорирам за време нивната попладневна дремка или кога се во градинка, некогаш го вклучувам Марко, но тоа не значи дека тие не се присутни тука, гледаат, ми асистираат, се радуваат.
Кое „дело“ досега ти било најголем предизвик? Што кога нешто нема да ти успее? Што те нервира најмногу? Очекуваат ли децата секој оброк да биде таков?
Сите оригинални постови се предизвици бидејќи не постои модел каде би можела да ги видам, тоа се автентични идеи кои сама ги скицирам и реализирам, осмислувам рецепт и складна приказна. Не се случило до сега нешто да не ми успее.
Едноставно нешто излегува баш добро, а нешто е помалку добро и тоа е во ред, бидејќи имам уште многу да учам за декорирањето на храна. Правењето шарени тањирчиња за мене моментално е една голема љубов и процес во кој многу уживам и во моментот кога ќе престане да биде тоа. Да ме нервира, ќе престанам да правам декорирани јадења.
Најдраги постови ми се Тешкото, Петроварадиснката тврдина и сите јунаци од Дизниевата продукција.
Тешкото
Декорирање храна со децата и креирање постови се две различни работи. Кога декорирам храна наменски за некој пост тогаш многу пазам на деталите и сакам да ја доловам суштината на тоа што сакам да го прикажам, а кога се играме со децата тогаш воопшто не обрнувам внимание на деталите, тоа се многу едноставни креации и им давам слобода да декорираат како што тие се расположени во моментот.
Петроварадинската Тврдина
Ова не е начин на кој јас ги хранам децата ова за нас е активност и игра која ја реализираме кога имаме време, обично ја практикуваме во зимскиот период. Кога одат во градинка тогаш имаат желби мама да им направи некое шарено чиниче за кога ќе се вратат дома и тогаш мама им исполнува желби.
Она што сакам да кажам е дека ова не е и не треба да биде начин на кој ќе ги храниме децата, но е една игра и активност преку која децата можат да научат многу за боите, текстурите, вкусовите, начин на кој развиваат фина моторика, развиваат креативност и ја развиваат имагинацијата. На крај ова е еден од начините преку кој можете да го зближите детето со храната а воедно и со вас.
Дали имаш други забавни проекти со децата? Како си го исполнуваш времето со трите деца и на која возраст се?
Многу често делам дел од нашите активности како инспирација за некоја игра и како инспирација како можеме квалитетно да поминеме времето заедно со дечињата. Ние сме едно обично семејство кое е многу активно и најмногу од сè сака да поминува надвор, во природа, во игра, трчање и скокање наоколу.
И во зависност од временските услови избираме локации каде се движиме.
Кога сме спречени да играме надвор тогаш настапува мојата креативност и им наоѓам многу занимации и сега во суштина јас сум само иницијатор за некоја игра, а тие се играат сами. Во главно ги вклучувам во скоро сите секојдневни домашни обврски, заедно средуваме по дома, готвиме, диплиме облека.
Потоа си играме фризери, продавачи... Импровизираме и правиме фарми, џунгли… Си играме со пластелин, цртаме, боиме, сложуваме сложувалки, читаме книги… И нормално правиме и шарени тањирчиња.
Моите деца се многу мали за некои заеднички проекти, Марко има 4 години а близнаците Иван и Милан имаат 2 ипол години и моментално нивна работа е само да си играат и играат.
Како постигнуваш да направиш баланс помеѓу сите активности? Како изгледа денот на мајка со три деца?
Во моментот уживам во мајчинството, а со самото тоа сум и тотално посветена на дечињата. Од самото нивно раѓање се трудев да воспоставам рутини по кои и ден-денес функционираме, а тоа е усогласено будење и спиење, оброци кои се во исто време, секојдневни прошетки претпладне и попладне, а јас се вклопувам во нивниот распоред и си создавам време тогаш кога они спијат, кога се во градинка или кога има кој да ги причува.
Се будам рано и тоа е време за мене кога ги полнам батериите за цел ден. Наутро цртам, осмислувам постови, тоа е време за некои мои ритуали. Во суштина имам одредено приоритети и така функционирам, за она што е битно наоѓам време, она што е помалку битно е на чекање и така во круг.
Кога се во градинка имам повеќе време да ги завршам сите секојдневни домашни обврски и полесно се организирам и функционирам.
Во суштина еден ден на една мајка со три мали дечиња е многу динамичен и исполнет, и потребна е голема ментална и физичка сила, а и помош.
Кои ти се плановите за иднина?
Во наредниот период ќе мислам што понатаму. Не сум сигурна за книга со рецепти, но некој производ кој е поврзан со декорирањето на храна и со самата храна е многу веројатен. За сега ќе продолжам да објавувам интересни рецепти декорирани на интересен начин, уште многу шарени чиничиња за деца, ќе продолжам да делиме дел од нашите активности како инспирација за некои игри.
Овој профил во суштина ќе продолжи да инспирира и да потсетува да не заборавиме да се играме и забавуваме со децата, да јадеме разновидна храна, да живееме активен живот и да го негуваме детето во нас.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело