Анета Здравковска: „Дијагнозата рак на дојка ја добив на 39 години, додека ја доев ќерка ми - се изборив за моите деца“
Сте имале ли случај на рак во семејството претходно?
Тоа беше и најголемиот шок, од каде баш јас кога немам генетски предиспозиции ниту од баба, мајка, тетка и која никогаш претходно се немав лекувано повеќе од настинка. Се хранев здраво и пред да останам бремена со ќерка ми вежбав аеробик.
Тезата е вежбај, храни се здраво и ќе бидеш здрав, што во мојот случај не беше така.
Што значи да се прима хемотерапија? Имаше ли негативни ефекти, како се справи со истите?
Хистопатолошкиот наод не беше баш најдобар, стадиумот покажа 1а почетна фаза, суспектните лимфни јазли беа чисти, што беше добро, но градусот беше 3-ка.
Онкологот рече многу си млада, морам превентивно да ти дадам 6 хемотерапии. Хемотерапиите, посебно првите 3 ги поднесов многу тешко.
Првата хемотерапија требаше да ја примам само неколку дена пред првиот роденден на ќерка ми, но ја замолив докторката барем да помине роденденот и да започнам. На 13-ти октомври го прославивме роденденот, а веќе на 15-ти првата хемотерапија течеше во моите вени.
По 2 часа од терапијата имав ужасни болки и гадење, телото се бореше. Хемотерапиите не ги уништуваа само лошите клетки, туку и добрите.
Последиците од терапиите ги чувствува цела недела потоа, немав апетит, не можев да зборувам, свекрва ми постојано ме освежуваше со инфузии, се чувствував како растение.
Една недела по примената прва хемотерапија отидов да ја скратам косата, друштво ми правеше мојот син Дарјан, кој негодуваше на мојата одлука да се шишам кратко. Она што успеав да му го објаснам е дека мора така и дека ќе одиме да купиме перика и повторно ќе бидам со долга коса.
Изборот на периката го направи токму тој, срцето ми се кинеше, а верувам да беше малку поголем истото ќе го чувствуваше и тој, она што го забележував кај него е дека беше потполно збунет.
Зошто медицинските лица од онкологија се луѓе со срце планина?
Бидејќи од нивна страна постои неизмерна посветеност, потполно ја разбираат ситуацијата во која се наоѓаме и несебично ни помагаат, како докторите, така и медицинскиот персонал.
Мојот онколог Даниела Попоска ми е посебно драга, најпрво како голем пријател, а потоа како доктор. Достапна ми е во секој период, нејзините совети ми даваат голема самодоверба и ме охрабруваат, а медицинските сестри секогаш ме пречекуваат со насмевка.
Како помина со зрачењето? Тежок ли е овој дел од лекувањето?
Многу често ми се јавуваат жени кои го зеле бројот од мои пријателки, за совет како се одвива лекувањето. Кога ќе дојдам до делот со зрачење, само ќе им кажам чувствувајте се како на козметичар.
За разлика од хемотерапиите, зрачењето не го доживеав непријатно.
Имав 16 радиотерапии, но лош ефект не почувствував.
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Во текот на целиот процес најтешко ми беше паѓањето на косата, хендикепираноста да ја држам ќерка ми во раце, чувството да зависиш од друг во извршување на домашните обврски.
Јас бев една од оние жени кои највеќе време посветуваа на косата, да сум фарбана, фенирана, секогаш средена пред да излезам каде било, така се чувствував женствено, но помина и таа фаза – косата порасна.
Најголемата болка ми беше хендикепираноста да не можам да ја држам ќерка ми во раце, а не можев ниту да ѝ помагам да ги прави своите први чекори, токму и во тој период проодуваше.