Ана Гигова за ноќниот живот во Скопје во 90-тите: „Излегувавме во Мусандра, на ливче хартија си дававме телефонски броеви“
Култни места на кои се чекавте беа...
Договорни точки беа: Чичко Стоилко, Путник, Рекорд, Камел....
Никогаш немаше доцнење, ниту извинувања од типот, не видов, бев на „сајлент“.
Најпознати градски фаци во тој период беа...
Градските фаци потекнуваа од урбаниот свет, модните движења, големите журки, менаџери на клубови како: Мио, Ситна, Арко, Црни, Бмбил, Вошка...
Што претставуваше престиж во тој период?
Престиж беше да се излегува секоја вечер, бидејќи градот навистина живееше и со денски и ноќни случувања (за жал тоа беше невозможна мисија). Но, и да не се излезеше повторно бевме информирани за сите случувања за градската шема.
Исто така, престиж беше да влезам во диското каде што некој не можеше да го стори тоа.
Се собиравте ли по дома, се организираа ли приватни забави?
Да, имаше собирање по дома, кога родителите не беа дома, но и на тајно организирани забави во т.н. клупчиња во подрумските простории на зградите и домовите.
Дали жените имаа привилегија при влегувањето на врата во диско? Имаа ли проблем за влегување машките друштва?
Женскиот пол имаше секогаш привилегија во однос на машкиот. Ние можевме да влеземе сами, а тие не можеа без нас.
Најубавите спомени од ноќниот живот ти се врзани за...
Лично моите најубави спомени од ноќниот живот беа врзани за: МНТ, Хард Рок, Мусандра, Тропикана, Мејк Ап, Корнер, Коко... кои иако беа на различни локации во градот ни беа лесно достапни.
Момент што нема да го заборавиш од излегувањата во 90-тите е...
Да, секако имаше многу такви моменти. Но, би го издвоила еден како посебен.
Договорена да влезам со дечкото во диското, тој остана на врата, јас влегов, а си излегов со другарките. Тоа едноставно така се случи.
Излегуваш ли и денес, постојат ли во Скопје локали кои ги задоволуваат вкусовите на повозрасните генерации?
Ова Скопје не е моето Скопје од мојата младост, туку стана центар и собиралиште на туѓинци и попатни минувачи.
Моето Скопје никогаш нема да се повтори и секогаш ќе жалам за минатото, а тоа е единствената формула која ме држи во живот.
Ова не е романтичарска реторика, туку силно изразена мисла за едно убаво и неповторливо време во моето Скопје.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело