Александра од Охрид, хуманитарка во конфликтни зони: „Не можеме сите да ги спасиме – страдањата кои сум ги видела не ми се бришат од сеќавања“

„На почетокот не им кажував на родителите дека работам во конфликтни зони, помагав на прегладнети бегалци во Сомалија, а пред мои очи бебе ја губеше битката со животот... Кога еднаш ќе видиш такво нешто со свои очи, тоа не се брише од сеќавањата...“ – вели Александра Ристеска, која неколку години работи како хуманитарка за Обединетите Нации и за CRNOBELO.com открива како изгледа да се биде на лице место на случувањата во Израел, Египет, Ирак, Кенија, Сомалија, од каде што ние сме гледале фотки и видеа со страв. 

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-brishat-od-sekjavanja-01.jpg

Александра Ристеска е 32-годишна Македонка, по потекло од Охрид. Како многу мала со семејството се сели во Швајцарија, а по мастер студиите во Лондон, осум години работи како хуманитарка со Обединетите Нации. 

За време на работата со ОН присуствувала во голем број земји каде имало воен конфликт – како практикантка, но и како хуманитарка чија работа била да им помогне на луѓето во таквите региони.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-02.jpg

Додека ние остануваме шокирани од фотографиите и снимките што ги гледаме во некои земји, како што сега е случајот со Авганистан, Александра имала прилика сето ова да го види и од „прва рака“ да раскажува за тоа што го видела.

Својата кариера ја започнува како практикантка за Швајцарската Амбасада во 2013-тата година. Како што вели, за неа било вистински шок кога почнала да работи во Каиро среде демонстрациите од „арапската пролет“, па така првите два дена воопшто и не излегувала од собата, но откако се запознала со новинари – тие практично ѝ помогнале да се ослободи и да го запознае градот.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-03.jpg

Израел, Египет, Ирак, Кенија, Сомалија... За нас ова се земји од каде гледаме или во минатото гледавме ужасни фотографии и видео снимки, а таа имала прилика сето тоа да го види со сопствените очи.

Во разговор за CRNOBELO.com Александра открива како изгледа да се работи во таквите земји - кои се предизвиците од оваа работна позиција и што е она што засекогаш ќе остане врежано во нејзината меморија од она што досега имала прилика да го види...

Како стигна до работа во ОН и што е потребно за да се биде добар хуманитарец? Дали е потребно да се заврши одредено образование или потребна е само волја и секако желба да им се помогне на луѓето во неволја?

Во 2014 година бев во Лондон на мастер студии за меѓународна политика и отсекогаш сакав да работам со ОН, но во тој период, да бидам искрена, мислев дека тоа нема да ми се оствари, затоа што во ОН секогаш се почнува како практикант и не се заработува ништо, а животот во Лондон беше скап.

За среќа една моја другарка доби две позиции: една во Кенија и една за практикантка во Њујорк. Таа не сакаше да оди во Кенија, не беше заинтересирана, а јас посакував таква позиција затоа што сакав да бидам поблиску до регионите каде што во тие моменти навистина беше потребна помош.

Другарката почна да бара и да се распрашува помеѓу студентите дали има некој што би бил заинтересиран да оди во Кенија, а јас помислив дека тоа ми е шансата што не се пропушта, па така аплицирав за позицијата и ја добив.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-09.jpg

Навистина бев изненадена и така во 2014-тата година почнав како практикантка во ОН за Кенија, но работев во Сомалија. Во тој период како практикантка, поради безбедносната состојба во државата не ми беше дозволено да одам во Сомалија (Сомалија сè уште се бори со тероризам).

Затоа првично бев сместена во Кенија, но со текот на времето почнав повремено да одам и таму, па така првите четири години од моето работење ги поминав таму.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-10.jpg

Инаку, најголемиот дел Интернационални организации имаат најразлични работни позиции за коишто се потребни различни вештини и образование.

Може да бидете инженер или медицинска сестра што работи во ОН во Ирак или може да бидете експерт за заштита за бегалци во Сирија или може да волонтирате една година и да помогнете во образованието.

Мошне е важно да сте самосвесни и да имате здрава доза на критичност и оптимизам. Без оптимизам мошне е тешко да се работи во такви средини, но истовремено нема да ви е од помош ако сте заслепени, не ја гледате реалноста и верувате дека ОН ќе го спасат светот.

Секој што сака да работи како хуманитарец треба прво да ги разгледа сопствените сили и слабости и да се запраша до каде му се границите (каде би сакал или не би сакал да работи, кои работни позиции би биле опасни или не би одговарале на вашиот личен живот) и откако ќе го одлучите тоа треба да најдете луѓе, односно да остварите контакти со луѓе од земјите/областите каде што би сакале да работите.

Често патуваш во земји каде има воени конфликти, каде што не е безбедно. Како воопшто се одлучи за тоа да се посветиш на хуманитарна работа?

Отсекогаш сум се чувствувала одговорна за тие што се поранливи од мене. Уште како дете ми беше тешко да гледам сиромаштија и секогаш мислев дека може нешто да се направи и да им се помогне на тие луѓе.

Додека бев во средно училиште бев заинтересирана да работам во невладиниот сектор, посакував да работам за ОН ама мислев дека тој сон нема да ми се оствари.

Мислам дека отсекогаш многу повеќе ме интересираа таквите небезбедни земји отколку што ми беше страв. Знаев дека оваа работа ќе ме исполнува и дека ризикот ќе вреди.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-04.jpg

Која е најтешката и најболната сцена на која си била сведок? Како се помируваш со ваквите случувања?

Во Сомалија првиот пат кога бев во хуманитарна мисија бевме да посетиме бегалски кампови во местото викано Баидоа. Бегалците пред 20-тина години поради борбите во Сомалија пребегале во Јемен и сега требаше повторно да се вратат во Сомалија поради борбите во Јемен.

Ги посетивме камповите среде суша и ситуацијата во повеќето кампови беше критична. Во еден од камповите имаше жена со мало бебе под шест месеци. И двајцата беа мошне исцрпени и слаби. Ние носевме храна и вода со нас, но понекогаш ништо не можеме да направиме. Одговорните во кампот ни рекоа дека е премногу доцна за бебето.

Следниот ден дознав дека бебето не успеало да се избори за живот. Тоа беше само еден таков пример, на кој што сум била сведок, но во тој период се случуваше секојдневно - и за жал сè уште се случува на многу места во светот.

Кога еднаш ќе видиш такво нешто со свои очи, не се брише од сеќавањата...

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-06.jpg

Јас тој ден се вратив во мојата соба во хотелот каде што бевме сместени и имав можност да се избањам, имав храна и ми беше обезбедено сè, а на мајката ѝ се сруши целиот свет.

Не можам да се помирам со таквите случувања, ама правам сè за да бидам активна и да дадам свој придонес за да нема такви трагедии и чувствувам дека и најмалото нешто што ќе го направам е подобро од тоа да бидам само нем посматрач.

Но, клучно е дека не смеам да заборавам дека треба и јас да останам ментално избалансирана – со вежбање, читање, гледање ТВ серии, разговор со колеги што веќе имаат искуство со такви работи...

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-05.jpg

Како реагираат твоите блиски на твојата работа со оглед на патувањето во небезбедни земји?

Моите родители не се пресреќни кога заминувам од дома, особено кога одам во небезбедни земји, ама со текот на годините научив дека јас треба повеќе да им говорам за земјите што ги посетувам.

Кога завршив како практикантка во Кенија и почнав да патувам во Сомалија, во првиот период не им кажував на родителите дека одам таму, тие мислеа дека сум во Кенија на безбедно.

Од една страна не сакав тие да се грижат многу, но и јас не сакав да мислам на тоа дека тие ќе се грижат затоа што немаше да можам да се сконцентрирам на работата. Прво ми беа така поставени приоритетите, но потоа сфатив дека и семејството многу повеќе ќе ме поддржува доколку имаат поголемо знаење за состојбите и ако знаат што навистина се случува.

Тие знаат дека тоа што сум го замислила ќе го направам и не сакаат да ми пречат, но сметам дека од моја страна фер е јас да им објаснам каде живеам и работам.

Кога дојдоа родителите заедно со сестра ми да ме посетат во Кенија само увидоа каква е ситуацијата таму и дека тоа е прекрасна држава со прекрасни луѓе и природа. До ден денешен си ги чуваме драгите спомени оттаму. Тогаш можеби и стекнаа поголема доверба дека можам да се снаоѓам во други земји.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-11.jpg

Велат дека со текот на времето колку човек е поизложен на страдањето на другите - толку повеќе станува имун и почнува да не реагира. Како ти како личност го доживуваш тоа, точно ли е тоа тврдење?

Не би рекла дека стануваш имун, но нивото на чувствителност се менува со сигурност. На моите блиски често не им е јасно зошто јас ретко покажувам емоции кога гледаме некои тажни или насилни филмови и мошне ретко се натажувам.

Иако тоа можеби се должи на мојот карактер, но сметам дека професијата голем број од работите ми ги има распоредено во поинаков контекст и кога ќе ги споредам другите тешкотии и трагедии, можеби некако поинаку ги категоризирам за разлика од некој што не е постојано изложен на такви работи.

Мене како хуманитарна личност ми е важно да им кажам на пријателите и на членовите на моето семејство за тоа што го гледам додека работам. Не затоа што сметам дека имам многу важна работа, туку како „адвокатка“ на сите оние што се заборавени и невидени на светот.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-09.jpg

На следната страна прочитајте за средбите со Анџелина Џоли и други млади амбасадорки, за тоа како ја доживува Македонија како земја за живот, имајќи предвид што сè видела... 



Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Марија Шерифовиќ за CRNOBELO: „Сите мајки за своите деца велат дека се најмили, ама мојот син е љубо... „Откако станав мајка веќе немам време да се релаксирам, сфатив дека ова е хаос и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg