Ева (17) од Скопје на пат да стане професионален готвач: „Започнав со правење на кифлички, а сега сукам кори“
Како 17-годишна средношколка, кај тебе преовладува голема амбиција поврзана со готвењето. Како реагираа пријателите на оваа твоја љубов? Дали од тебе бараат помош и се интересираат да научат нешто повеќе?
Моите другари и другарки реагираа многу позитивно кога дознаа за овaа моја љубов кон готвењето, а морам да признаам дека токму тие ми пружија огромна поддршка со која ме поттикнаа да го отворам мојот профил/блог на социјалната мрежа Инстаграм кој денес го носи името the_foodsister.
Имено да, на мое големо позитивно изненадување дел од моите пријатели се заинтересирани да научат нешто повеќе за готвењето и воедно бараат помош и рецепти. Знам дека ни самите тие не се свесни колкава чест и задоволство претставува тоа за мене.
Како редовен ученик, колку е тешко да ги прилагодиш секојдневните училишни обврски со надградувањето на твоите знаења во областа на готвењето? Како го поминуваш твоето слободно време?
Морам да признаам дека понекогаш е тешко да ги прилагодам секојдневните улилишни обврски со надградувањето на моите знаења во областа на готвењето. Меѓутоа, едно нешто што го имам научено за време на сите овие години е дека нема ништо што не може да се направи и исполни доколку имате амбиција и добра организација.
Јас, настрана од моите школски обврски и секојдневното готвење, моето слободно време го поминувам пеејќи, учејќи го турскиот јазик, гледајќи странски филмови/серии и дружејќи се со моите пријатели и моето семејство.
Воедно, член/волонтер сум во Црвен Крст на Македонија во општинската организација Карпош.
Која е твоја омилена кујна и зошто?
Би рекла дека мојата омилена кујна е европската. Лично, од мали нозе имав можност да ја вкусам речиси секоја кујна во светот. Тоа дефинитивно ми даде една ориентација како гурман и готвач.
Не пораснав јадејки јадења само од македонската или пак балканската кујна. Уште од мала имав можност да ја вкусам и француската, холаднската, шпанската, италијанската и други светски/европски кујни. И морам да признаам дека вкусовите од мене добиле само позитивни критики. Токму затоа, европската кујна е мојата омилена.
Но, исто така морам да признаам дека лично сум голем љубител и на тајландската, индиската и кинеската кујна.
Издвои 5 најкорисни совети и 5 најголеми заблуди во доменот на готвењето.
Најкорисни совети:
1. Верувајте во себе!
2. Ставете влажна крпа за да ја држите даската за сечење во место.
3. Подгответе ги сите состојки пред да готвите.
4. Прочитајте го рецептот темелно и до крај пред да започнете со готвење.
5. Поставете го тајмерот за неколку минути помалку од времето потребно според рецептот.
Најголеми заблуди:
1. Острите ножеви можат полесно да ве исечат.
2. Преготвеното месо е побезбедно за консумирање.
3. Печурките мора да се измијат под вода пред да ги зготвите.
4. Може да експериментирате со печењето на колачи.
5. Месото треба да се исплакне пред да се подготвува.
За крај, каде се гледаш себеси за 10 години отсега?
Уф, малку тешко прашање. Се разбира дека јас како и сите останати луѓе во светот имам некои планови, желби и идеи поврзани со мојата иднина.
На пример, за 10 години отсега би сакала да бидам автор на успешна книга со рецепти. Да патувам низ светот и да ги сервирам моите рецепти на многу луѓе од различни држави. Да бидам самостојна, среќна и исполнета жена.
Но, животот е краток и неизвесен! Треба да се живее во моментот! Така што јас велам дека е најдобро да се остави и види каде ветерот ќе нѐ однесе.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Мила М. | Црнобело