Ева (17) од Скопје на пат да стане професионален готвач: „Започнав со правење на кифлички, а сега сукам кори“
- Детали
- недела, 21 ноември 2021
Уште на 6-годишна возраст покажувала заинтересираност кога некој готвел во кујна, домашно суканата баклава со ф’стаци е најубавиот десерт што го направила досега и се надева дека еден ден ќе го пропатува светот за сите да ги вкусат нејзините рецепти. Средношколката Ева за CRNOBELO.com зборува за својата најголема љубов – готвењето.
Речиси секој ќе се согласи дека животот е премногу краток за се задоволиме со јадење „просечна“ храна, така што не залудно велиме: „Љубовта доаѓа преку желудникот“.
Доколку го посетите Инстаграм профилот the_foodsister ќе имате прилика визуелно да се насладите со разни слатки и солени специјалитети чии разновидност и естетика стојат рамо до рамо со професионалните готвачи.
Имено, зад профилот стои 17-годишната Ева Максимовска, ученичка од гимназијата „Никола Карев“ која со своите раце навистина умее да создаде магија.
Нејзина желба е еден ден да стане професионален готвач, а благодарение на нејзинот талент, посветеност и амбиција, со молневита брзина се движи кон зграпчувањето на своите цели.
За CRNOBELO.com Ева одговара на интересни прашања во врска со готвењето, ги открива најголемите кулинарски совети и заблуди и ги споделува своите идни планови:
Раскажи ни нешто за твоите кулинарски почетоци. Од каде проникна љубовта кон готвењето?
Моите кулинарски почетоци датираат уште од периодот кога имав десет години, но кога подобро ќе размислам, себеси во кујната се помнам уште на своја 6-годишна возраст.
Кујнските мириси коишто се ширеа од кујната додека мајка ми, баба ми, татко ми или пак дедо ми подготвуваа нешто за јадење секогаш ме привлекуваа. Карактерно, уште кога сум била дете сум била љубопитна за многу работи, а се разбира една од нив била и готвењето.
Секојпат кога ќе ја видев мојата баба како меси некое тесто ја замолував да ми даде малку да ѝ „помогнам“ (вистината, секако, е дека тоа за мене беше една забавна игра што ме исполнуваше со среќа). Сепак, кој ли можеше да претпостави дека таа игра ќе прерасне во една моја толку голема љубов и амбиција.
Колку често готвиш и што те исполнува повеќе - правењето солени или благи специјалитети?
Готвам речиси секој ден. Понекогаш дури и повеќе од едно јадење. Без разлика дали тоа ќе биде појадок, ручек, десерт, закуска или пак нешто друго.
Ретки се деновите каде што нема да ја сретнете Ева во кујна. А, кога станува збор за тоа што повеќе ме исполнува - правењето солени или благи специјалитети - тоа би било тешко да се одговори во една реченица.
Јас започнав со правење кифлички и усовршување на мојата најдобра верзија на истите. Потоа полека навлегов во приготвување на протеини и морски плодови. Но, претпоставувам дека благите специјалитети секогаш ќе имаат специјално место за мене.
Кога правам некое благо се чувствувам како да сум дел од некој друг универзум. Тоа за мене претставува време за уживање, моја мала терапија на самата себеси.
Благите специјалитети, посебно покомплицираните, се чиста хемија. Доколку не ја имате точната грамажа и температура на состојките, нешто сигурно ќе тргне наопаку. И, затоа таа хемија бара стопроцентен фокус и овозможува да заборавите на сѐ и да уживате.
Кое е најубавото јадење коешто си го подготвила досега? Сподели ни кратко рецептче.
Најубавото јадење коешто досега сум го подготвила е домашо сукана баклава со турски ф'стаци.
Тоа е еден од покомплицираните десерти што досега сум ги подготвила, бидејќи не секој може и не е толку лесно да се исука кора тенка колку лист хартија, низ која буквално ќе може да се чита весник, но вреди во секоја смисла на зборот.
Со вас би можела да споделам еден рецепт за мафини со лимон и афион (мак), кои се едни од омилените на моето семејство.
Потребни состојки:
- 2 јајца
- 175 милилитри масло
- 225 грама брашно
- 1 прашок за печиво
- Пола мала лажичка сол
- 225 грама шеќер
- 150 милилитри млеко
- Сок од еден лимон
- Кора од два лимона
- 2 до 3 лажици мак/афион
Подготовка:
- Првично се мешаат одделно сувите, а одделно течните сосотојки (освен макот/афионот и сокот и кората од лимон) и на крајот сѐ се спојува во една смеса за мафини.
- Се додава макот/афионот и сокот и кората од лимон.
- Се печат во калапчиња за мафини на 180 степени околу 18-25 минути, зависи од јачината на рерната.