Александра од Скопје прави филигрански ремек дела: „За изработка на обетки ми требаат 2 дена, горда сум на занаетот“
- Детали
- вторник, 19 јули 2022
„Основната и најважна алатка кај филигранот е огнот. За изработка на едни обетки потребни се 2 дена, а секогаш изработувам накит што и самата би го носела. Се повеќе млади се одлучуваат за интересни дизајни на сребрени бурми и ја ценат рачната изработка“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Александра Атанасовска која со своите вешти раце му дава нов сјај на стариот македонски занает филигранството.
Александра Атанасовска (27) од Скопје е млада уметница која од сребрена нишка создава прекрасни филиграни, рачно изработени мали парчиња уметност.
Таа вели дека уште од мала е вљубена во уметноста, а веќе четири ипол години работи и ја усовршува техниката за рачна изработка на накит од сребро. Во декември минатата година отворила свое студио за изработка на филигрански накит, а тоа билa нејзината светла точка во време на пандемијата.
За CRNOBELO.com таа раскажува за љубовта кон овој стар занает, нејзините почетоци и сите предизвини кои ги има како млад уметник.
Објасни ми накратко, што е филигран?
Филигран е техника на изработување накит од тенки сребрени или златни жици.
Основната и најважна алатка кај филигранот е огнот. Тој е одговорен за врзувањето, односно лотувањето на испреплетените жици, топење и зацврстување на филигранската форма.
Колку време за занимаваш со избработка на филиграни и како се роди интересот за овој занает?
Накитот изработен во оваа техника секогаш ме фасцинирал. Мали парчиња уметност, изработени рачно, со неверојатна прецизност и внимание.
Не можев ни да си замислам дека еден ден јас ќе можам да го работам тоа.
Уште од мала сум влубеник во уметноста и сум користела различни техники на изразување, најмногу сликарство, меѓутоа дефинитивно најмногу се пронајдов во филигранството.
Колку време ти беше потребно за изучување и усовршување на овој занает?
Сосема случајно налетав на интензивен курс на кој се пријавив без размислување.
Сепак, филигранот или било која друга техника за изработка на накит од благородни метали не се учи за месец, два, шест.
Курсот ни дава само некакво основно запознавање со формите и облиците од кои се создава едно филигранско парче. Да го добиеме чувството како вистински се игра со оганот, за тоа треба многу повеќе време и работа.
Секој ден, со изработка на ново парче накит, среброто ни покажува некоја нова особина.
Изработката на филиграни е стар знает, каде ја научи техниката?
По едномесечниот интензивен курс за кој веќе ви спомнав, три години продолжив да работам кај мајстор Африм Шабани во чаршија каде учев различни техники, да работам со сребрена плочка, да сетирам поголеми камчиња, да правам поправки на стар накит итн.
После 4 години работа, се почувствував подготвена дека имам доволно знаење, доволно искуство и доволно алати за да можам да отворам свое студио каде ќе го изработувам и продавам мојот накит.
Како тече изработката на едно парче накит, колку време, какви алатки и какви материјали се користат?
Времетраењето на изработка е зависно од големината и сложеноста на секое парче.
Вообичаено за пар обетки потребни се два дена за изработка.
Имаме ситен и крупен алат. Ситните алатки како пинцетки, клештички со различни форми се користат при обликување на жиците, бренерот и огнот се користат за нивно спојување, и потоа имаме малку покрупни алатки како бубањ, рачен микромотор, полир мотор, ултрасоник, кои се користат во завршна фаза и со нив го работиме финишот.
Од каде се инспирираш за изработка на накитот?
Инспирацијата секогаш доаѓа ненадејно. Од убав цвет, од уживање во природа, од околната архитектура. Најголема инспирација за мене претставува совладување на нова техника.
Затоа сите колекции кои ги имам изработено до сега се толку различни меѓу себе. Секоја од нив претставува обид за учење и совладување на нова техника на работа.