Здравко Дејановиќ: „На -50°C добив смрзнатини на прстите, ги имам искачено двата највисоки врвови на планетава“
Што може да се случи во услови кога си на врвот и кислородот е редуциран?
Не само на врвот, туку и кога ќе навлезете во таканаречената „зона на смртта“ која започнува некаде под 8.000 метри може да се соочите со симптоми на висинска болест, како што се главоболки, губење на свесност, омалаксаност и слично.
Трагични по живот можат да бидат едем на белите дробови, мозочен и срцев удар.
Правиш ли тренинзи секојдневно? Како се одржуваш во форма?
Со години наназад имам континуитет во тренинзите кои се состојат во редовно искачување на планински врвови, трчање и алпинистички вежби. Сите тренинзи во поголемиот дел ги извршувам во нашата држава.
Колку е скап овој спорт? Колку чини еден ваков подвиг на искачување на некој од највисоките врвови во светот? Дали компаниите сакаат да помогнат финансиски?
Експедициската опрема е поприлично скапа и чини некаде околу 5.000 евра. За жал, истата многу брзо се оштетува, па при секоја наредна експедиција неопходно е во одреден дел да се обновува.
Зависно од услугите кој ви се неопходни за успешно искачување трошоците можат да бидат и до 35.000 евра. Приватниот сектор нема желба, а изгледа и нема интерес за ваквите експедиции, па финансиската поддршка доаѓа исклучиво со заеднички напори на Агенцијата за Спорт и Млади и Федерацијата на Планинарски Спортови.
Каде си се искачувал во најекстремни услови?
Најнепријатни услови што се однесува до температурата и временските услови ги имам осетено при искачувањето на врвот Анапурна 1 затоа што искачувањето го изведувавме од крајот на февруари и во текот на март месец, во времето на календарската зима кога температурата во пониските кампови беше околу -30 степени, а на самиот врв под -50 степени.
Секој планинар секогаш мора да има на ум...
За успешно „коегзистирање“ со планината неопходно е правилна проценка на сопствените психо – физички квалитети и врз таа основа да се одреди каков врв сме спремни да искачуваме.
Животна желба ти е да се искачиш на...
Кога започнав со практикување на овој спорт главна цел ми беше „хималајската трилогија“ Монт Еверест, К2 и Анапурна 1. По успешно извршување на таа задача следна цел ми е врвот Канџезонга, кој е висок 8.586 метри и е трет врв по висина.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело