Драгана (22) од Скопје има повеќе од 300 барбики: „Купувам и веќе користени, па ги реставрирам“
- Детали
- четврток, 14 јануари 2021
Барби е најпродаваната и со години наназад омилена кукла на девојчињата низ целиот свет. „Во моментов имам околу 300 барбики, а моите први Барби кукли ми ги купи тетка ми некаде во 2004-та година.“
Драгана Василевска (22) од Скопје е студент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Таа е колекционер на барбики, а за CRNOBELO.com ни раскажа нешто повеќе за нејзината пасија.
Кога започна да собираш барбики и од каде оваа пасија? Колку години ја имаш оваа колекција?
Барбики собирам цел живот. Од мала сум играла само со овие кукли, после мене продолжи да игра сестра ми и покрај неа никогаш не престанавме да купуваме.
Посериозно почнав да собирам минатата година, со почетокот на карантинот од март месец. Колекцијата ми е релативно нова, сè уште нема ниту една година како почнав да купувам поскапи, посериозни колекционерски барбики.
Пасијата била тука секогаш само не сум ѝ се посветила доволно.
Дали станува збор исклучиво за оригинал кукли Barbie од Mattel или повеќе верзии?
Да апсолутно, сите кукли се Барби оригинал на Mattel. Поседувам и други Disney кукли, ги имам собрано сите Disney принцези и други Bratz куклички, но се многу помалку во однос на Barbie.
Која беше твојата прва Барби кукла?
Првите три барбики ги добив од тетка ми од Германија некаде 2004-2005 година баш кога излегуваа деловите од филмот „Fairytopia“.
Сега посакував да не ги имав отворено воопшто бидејќи истите моментално кренаа на цена, но тогаш паметам возбудата беше преголема. За среќа ги чувам сè уште сите три бидејќи не бев дете кое крши играчки па сѐ што имав успеав да зачувам.
Колку кукли имаш во моментов? Како ги чуваш и одржуваш?
Во моментов имам околу 300 барбики, за одржување не се воопшто комплицирани, тие што не ми се изложени ги чувам затворени во голем пакет, а поубавите ми се на полица.
Која ти е најнова Барбика? Дали сите пријателки ти ги подаруваат своите стари кукли?
Најнови две барбики ми се моментално и најновите излезени од Mattel под името “Barbie Extra” и ги купив пред Божиќ. За жал досега ниту една пријателка ми нема подарено барбика, причината не ја знам, но претпоставувам дека тоа се должи на ниската достапност на Барби во Македонија.
И пред 15 години во „златната ера“ на Барби, во Македонија не се наоѓало скоро ништо на Mattel, а за жал и денес има многу ниска достапност и мала побарувачка за истите, затоа сметам дека и многу малку од девојчињата поседуваат барбики дома, секако ако немале роднина во странство па да набавуваат од таму.
Која ти е најдрага кукла во колекцијата?
Најдрага во колекцијата, а воедно и најскапата ми е “Barbie Nutcracker 2001“ и ја добив како поклон за роденден од мојот дечко.
Барбиката веќе се смета за ретро модел и е поретко достапна, бев среќна што ја најдовме за многу поразумна цена во однос на тоа што се движат сега.
Те „фаќа ли паника“ кога треба да ги пребришеш сите од прашина?
Па како релативно нов колекционер, досега паника ме фаќа само за место, бидејќи полека-полека собата ми е преполна.
Имам среќа што дел се складирани во кутија па така се заштитени, а другиот дел од веќе изложените често ги преместувам и ги местам за сликање па така не фаќаат прашина.
Имаш ли некоја информација за вредноста на твојата колекција? Дали би ги подарила некому сите кукли или сакаш да си ги задржиш сепак за себе?
Информација конкретна немам, и не знам која би била проценката за „топтан“ но знам дека има многу вредни, и многу поретки, па доколку еден ден би се одлучила да ги продадам, ќе ги продавам една по една бидејќи е полесна и подобра опција за заработка.
Не би ги дала никому освен ако еден ден имам ќерка или внуци кои ќе ги посакаат.
Од каде ги набавуваш барбиките и дали во Македонија се лесно достапни?
Мнозинството од барбиките ми се набавени преку Ebay. Секако, не ми се сите барбики со кутија, обожувам да ги купувам и втора рака и да ги реставрирам и комплетирам, па често ги земам и од странски сајтови за втора употреба, па ги нарачувам да стигнат до Германија кај роднините.
Во Македонија е најтешко да најдам убава барбика за продажба. И покрај малата достапност во продавниците, цените им се прескапи за колекции кои се наоѓаат значително поевтино низ Европа.
Се обидов да купам втора рака доколку има жени кои ги продаваат, но ми понудија многу малку, а и тие кои слушнаа за колекцијата се обидоа да печалат многу повеќе од нивната вистинска вредност и состојба.
Прочитајте и: Аце Дејановски е страстен колекционер на автомобилчиња - има 1.500 различни модели
Ако и вие сте колекционер и сакате да ја споделите вашата колекција и приказна со нашите читатели, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело