Алекс Пуци (28), Македонка која била дел од кујната на ресторани со Мишелин ѕвезди: „Би сакала да готвам на Оскарите!“
Колку време дневно поминуваш во кујна?
Најчесто цел ден, посебно кога експериментирам нешто или кога работам на тортите, или на нови менија. Но, морам да признаам, дека има денови кога не готвам воопшто и гледам да си најдам некоја друга занимација. Едноставно сметам дека различноста во секојдневните активности резултира со поголема креативност и ефективност.
Некои совети и трикови за да се направи совршена фотка од храна за Инстаграм?
Добра камера, убаво осветлување, убаво дизајнирана и сервирана храна и малку разиграна имагинација и креативност.
Твојот омилен ресторан каде со задоволство сакаш да ја вкусуваш храната?
Во Скопје за жал не можам да се сетам на некој омилен ресторан, мислам дека сè уште го немам пронајдено, а и ретко јадам надвор.
Највеќе уживам кога ќе си подготвам нешто дома и ќе си отворам некое убаво вино, сама или со пријателите и семејството.
Раскажи ни нешто повеќе за Secret Suppers, од каде оваа идеја, навистина е уникатна!
Идејата е навистина уникатна и од интересна и по малку мистична природа, бидејќи на гостите не им се открива локацијата на вечерата се до самиот настан. Менито се приготвува однапред и храната се подготвува на местото на настанот. Менијата секогаш ги составувам во однос на сезоната и ги спарувам со селекција на вина од нашите преубави македонски винарии и со локални мали производители на вино.
Носител на идејата е Boho Macedonia. Тие се тим за дизајн на настани кои се предводени од една креативна девојка Сања која е неверојатно талентирана и има навистина интересна визија за она што го работи и креира. Со неа се пронајдовме на иста фрекфенција и не требаше многу за да сфатиме дека сакаме да работиме заедно и да ја започнеме приказната за Тајните Вечери.
Дали можеме да очекуваме твој ресторан во Македонија?
Секако, тоа ми е најголема желба. Идеалната локација веројатно би била малку понастрана од бетонската џунгла. Во некое сокриено градинче или во природа. Покрај постоечките проекти, паралелно работам и на остварување на тој сон. Но полека, никаде не брзам.
Би било нешто уникатно и една вистинска гастрономска приказна и дестинација што мора да се доживее. Мислам дека ни недостасуваат такви места на кулинарската сцена.
Дали и каде може да се пробаат сега твоите специјалитети?
Периодов работам како приватен готвач на еден мој мал проект кој се нарекува Таble for four. Концепт кој го создадов поради ситуацијата и поради тоа што би можеле максимум 4 лица да бидат гости и да ја пробаат храната која ја подготвувам и да се запознаат со мојата приказна.
Од средината на месец Декември започнуваме со првото online училиште за готвење во Македонија и часови по кулинарство со поддршка на два големи брендови од областа кои ја препознаа идејата и застанаа позади неа. Возбудени сме за новата приказна и наскоро ќе ја споделиме со јавноста
Исто така скоро започнав една прекрасна соработка со Slow Food Macedonia каде што заедно работиме на враќање на вредноста на традициите на кулинарската сцена во Македонија, враќање на вкусовите од минатото, готвење со домашни производи и со тоа подржување на локалните производители и користење на сезонските состојки кои ни се достапни.
Планот ми е засега да творам овде и да си продолжам со мојот стил на Fine dining, бидејќи знам дека постојат луѓе, хедонисти и гурмани кои покрај секојдневното сакаат да имаат поинакво искуство со храната. Да имаат такво нешто и дома.
Имаме прекрасни состојки кои имаат неверојатен потенцијал, убаво поднебје и треба да бидеме благодарни што сè уште кај нас доматот има вкус на домат и јаболката кога ќе ги донесеш дома ти ја исполнуваат цела просторија со мирисот. Комбинациите се бесконечни.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело