Бранкица Богдановска: „На 19 години ми дијагностицираа мултипла склероза, но не се откажувам од своите соништа“

„Не се плашете од болеста и разговарајте отворено за неа, јас имав симптоми како заматен вид, но на лекар појдов дури кога почнав да не ја чувствувам целата лева страна од телото и имав многу силни главоболки“, вели 21-годишната скопјанка.

brankica-bogdanovikj-na-19-godini-mi-dijagnosticiraa-multipla-skleroza-01.jpg

Бранкица Богдановска од Скопје има само 21 година, а животот веќе ја постави пред сериозен животен предизвик. Пред 2 години ѝ беше дијагностицирана мултипла склероза, но таа не дозволува оваа сериозна болест да ја попречи на патот кон остварување на своите соништа.

Таа иако завршила средно медицинско училиште вели дека отсекогаш ѝ било желба да се занимава и со манекенство, а таа желба ѝ се остварила токму пред една година кога го завршила курсот за манекенка во модната агенција „Подиум“.

Непоколебливиот дух на оваа млада девојка нѐ инспирираше за проговориме со неа за начинот со кој се справува со сериозната болест.

Какви симптоми имаше? Што те натера да појдеш на доктор?

Сѐ започна со заматен вид на којшто не обрнав внимание, сѐ до моментот кога почнав да не ја чувствувам целата лева страна од телото и имав многу силни главоболки при што веднаш бев префрлена на Нервната клиника во клиничкиот  центар - Мајка Тереза во Скопје. 

brankica-bogdanovikj-na-19-godini-mi-dijagnosticiraa-multipla-skleroza-05.JPG

На колку години ја доби дијагнозата и што почувствува кога слушна дијагноза мултипла склероза?

Дијагнозата за болеста ја добив на 19 години. Кога ми ја соопштија таа дијагноза, прво на што се сетив и искрено многу ме исплаши тогаш, беше мојата баба која што исто така имаше мултипла склероза, а којашто беше веќе во поодмината фаза на болеста.

Ми требаше некој краток период за да ја прифатам целата ситуација и да продолжам со животот понатаму. Да се помирам со вистината дека оваа болест не се лечи, туку само дека треба да го сменам начинот на живот. 

brankica-bogdanovikj-na-19-godini-mi-dijagnosticiraa-multipla-skleroza-02.jpg

Што е мултипла склероза? Колку луѓе во Македонија се соочуваат со оваа болест?

Мултипла склероза е хронична болест која настанува кога имуниот систем абнормално ја напаѓа обвивката и поддршката околу нервните клетки (миелинската обвивка) на мозокот, ‘рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и подоцна негово уништување. Во Македонија моментално има околу 1.200 заболени од оваа болест.

brankica-bogdanovikj-na-19-godini-mi-dijagnosticiraa-multipla-skleroza-03.jpg

Колку поддршката од најблиските ти помогна со справување со шокот од дијагнозата?

Поддршката од моето семејство е клучна. Од нив имав и ќе имам поддршка ,знам, и тоа ми дава уште поголема волја за позитивни мисли.

Без нив немаше толку лесно да ја прифатам целата ситуација и бескрајно сум им благодарна за тоа.

brankica-bogdanovikj-na-19-godini-mi-dijagnosticiraa-multipla-skleroza-04.JPG

Колку болеста ти влијае на квалитетот на живот?

Мора да признаам дека на моменти ми се појавува доза на анксиозност и депресија, но ја надминувам заедно со моето семејство и пријателите.

Каква терапија практикуваш?

Применувам терапија препишана од невролог, но исто така секојдневно пешачам, вежбам пет пати неделно и многу внимавам на исхраната гледам претежно да внесувам здрава храна со многу витамини.

brankica-bogdanovikj-na-19-godini-mi-dijagnosticiraa-multipla-skleroza-07.jpg

Те плаши ли помислата на иднината? Како успеваш да ја задржиш таа ведрина со која зрачиш?

Помислата за иднината не ме плаши до тој степен да престанам да ги остварувам своите цели и желби. Има мала доза на страв, која со текот на времето е сѐ помала бидејќи, убедена сум дека можам да се справам со сите предизвици кои ми ги носи животот и се насочувам кон остварување на моите цели во животот, една по една.

Ведрината ја добивам од позитивната енергигија околу мене, читањето на мотивациски говори и водењето на нормален живот со помислата дека јас не сум поразлична од другите.

Што се промени во твојот тек на живот?

Текот на мојот живот се промени на тој начин што се променив само на позитивна страна, односно водам поголема грижа за себе и своето здравје.

Сменив некои навики одеднаш, но не ми беше воопшто тешко бидејќи знам дека сѐ што правам правам за мое добро. 

brankica-bogdanovikj-na-19-godini-mi-dijagnosticiraa-multipla-skleroza-06.JPG

Актерката Селма Блер отворено говори за соочувањето со оваа болест... Колку сметаш дека говорењето на темата помага?

Ги имам читано статиите и гледано нејзините видеа и многу ми се допаѓа што отворено говори за целата ситуација и се бори се повеќе и повеќе, бидејќи само позитивната мисла и вербата во самата себеси може најмногу да ни помогне да ја победиме оваа болест. 

Што би им порачала на другите што се соочуваат со оваа дијагноза?

Не се плашете од болеста, разговарајте отворено за неа и искористете ја секоја можност која ви се нуди за полесно да поминувате низ истата.

Не сте ништо поразлични од другите и никогаш не ја губeте самодовербата и надежта. И запамтете, ние сме победници во оваа борба! 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Зоран Спасов - Ѕоф, урбан скопски лик: „Скопје не би било исто без шармот на оние кои денес имаат по... „Во 2012-та дома го прогласивме Тито за светец и секој 25-ти мај ја славиме слав...
Сања од Битола за животот со мултипла склероза: „Првиот напад го добив на 29 години, кога изгубив ви... „Докторите нагаѓаа дека е тумор, дури по 4 години докторот со жалење ми соопшти ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg