Филип Пешевски: „Да се биде пејач во Македонија не е лесно и наивно како што изгледа“
- Детали
- вторник, 17 март 2020
Неодамна, македонската музичка сцена се збогати со уште една нова музичка нумера. Станува збор за песната „Ти ми стоиш најдобро“ на младиот поп-пејач Филип Пешевски.
Освен што е студент на Музичката академија во Скопје, насока соло пеење (тенор), тој е член и на Арија Бенд.
Пред да започне со музиката, Филип тренирал фудбал и сонувал да стане светски познат фудбалер. Посебно задоволство му прави готвење на италијанска храна, редовно одење во теретана, како и повремено играње фудбал.
„Почнав да свирам гитара со цел за да ме сакаат повеќе девојки што е нормално за еден тинејџер. Позајмив гитара од другар, но после првиот отсвирен акорд на гитарата се случи некаква магија, буквално се заљубив во музиката и по одредено време почнав да пеам и видов дека тоа ми оди добро.
Се посветив на приватни часови по соло пеење и се пријавив сам на приемен испит на Музичката Академија во Скопје којшто успешно го положив и веќе сум на крај со студиите“, раскажува Филип.
Тој од секогаш слушал секаков вид на музика, од поп, рок, блуз, народно… Како дете, заедно со брат му слушале многу рап артисти: Еминем, 50 Cent, 2Pac, РНС...
Како созревал, така почнал да се интересира за класична музика, која го освоила и натерала да започне да студира оперско пеење.
„Искрено за пејачите мислев дека имаат грандиозен и совршен живот без грижи, без обврски, дека целото време е нивно и можат да прават баш сè што ќе посакаат во секое време, но јас се соочив со спротивното.
Се помалку време имам за забава, поголемиот дел од времето го поминувам на настапи, снимање во студио до доцни часови и останати обврски околу музичката кариера“, споделува Филип и додава дека да се биде пејач и музичар во Македонија не е баш лесно и наивно како што можеби изгледа. Потребно е многу работа, дисциплина и голема пожртвуваност.
Можноста да настапи на Макфест и да се претстави како дебитант со песната „Кукла моја несудена“, за него претставувало огромна чест и задоволство.
Самиот се присетува дека токму на тој фестивал имаат започнато кариерите на најголемите музички имиња од Македонија и дека од тој фестивал се излезени најголемите хитови отпеани на македонски јазик.
„Самиот предизвик да бидеш пејач е тежок. Без оглед на тоа дали си сам или со бенд мораш да ја дадеш и пренесеш буквално целата енергија, не смееш да бидеш извештачен, бидејќи публиката веднаш ќе го препознае тоа и нема да те прифати“, коментира Филип.
Од неговото досегашно искуство научил дека треба да се биде реален и природен со публиката, исто како што се однесува артистот и во приватниот живот.
„Во оваа професија нема блефирање бидејќи ова не е покер, ова е шах и нема изговор ако изгубиш“, заклучува Филип Пешевски.
Слушнете дел од песните на младиот македонски талент:
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело