13-годишната скијачка Јана Атанасовска: „Далеку сме од дома, тренираме во екстремни услови и на -40ºС, припреми има цела година“
- Детали
- среда, 05 февруари 2020
Почнала да скија од 3 ипол години, има освоени преку 70 медали и пехари, во јануари го освои првото место во слаломска трка во Чешка – Јана Атанасовска е 13-годишна македонска скијачка која реди успеси од мали нозе и ја очекува блескава кариера.
На меѓународниот натпревар Ски Интер Критериум 2020 кој се одржа во скијачкиот центар Рички во Чешка, во слаломската трка во категорија до 14 години, нашата Јана Атанасовска заврши на првата позиција со време од 1:14.36 минути.
Tnx ...SkiMacedonia...nasiot partner🙏🙏🙏
Posted by Skadi Alpine Ski Club on Saturday, January 25, 2020
Јана има 13 години, а првпат застанала на скии на свои 3 ипол години. Оттогаш желбата за спортот растела сѐ повеќе, а медалите кои ги освојувала ја поттикнувале да продолжи професионално да се занимава и повеќе да се вложува во спортот.
Со оглед на нејзините огромни успеси и посветеност, можеме да очекуваме уште повеќе да слушаме за неа во иднина, а ние решивме да поразговараме со неа и накратко да ни раскаже нешто за нејзината кариера.
Какво е чувството да се биде прво место?
Прекрасно е да се постигне таков успех на меѓународен натпревар на кој што учествуваа 37 нации. Конкуренцијата беше многу јака. Имаше натпреварувачки од најјаките светски скијачки сили и истите не смееја да се потценат.
Колку награди имаш освоено и која ти е најдрага?
Досега имам освоено 70 медали и пехари на различни домашни и меѓународни натпревари како што се Хрватска, Словенија, Австрија, Словачка, Чешка, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина.
Меѓу најдрагите ми е таа што ја освоив неодамна на меѓународниот натпревар во Република Чешка - Интеркритериум 2020, меѓутоа и првото место во Словенија на престижниот натпревар Little Fox.
Кој ти е омилен ски центар? Каде е најдобро за почетници, а каде за добри скијачи?
Меѓу омилените скијачките центри ми е HinterTux во Австрија бидејќи нуди одлични услови за летните подготовки. Најубаво за почетници е во Ски Центар Маврово бидејќи има благи падини и соодветни услови за некој кој првпат застанува на скии. За тие што веќе имаат искуство било кој скијачки центар е добар.
Каде имаш научено да скијаш? Кога и како одлучи дека ќе почнеш професионално да се занимаваш со спортот?
Првпат застанав на скии во Ски Центар Маврово на моја три годишна возраст. Не знам дали можам да кажам дека има точно определен ден кога одлучив дека професионално ќе се занимавам со скијање, меѓутоа можам да потврдам дека од ден за ден мојата желба и мојот интерес кон скијањето се зголемуваше.
Мислам дека за мојот професионален ангажман од голема важност беа првите медали кои ги освојував уште на почетокот и тие ме држеа во кондиција и желба да продолжам понатаму.
Колку време е потребно да се подготвиш за натпревар? Како изгледа подготовката?
Подготовките и припремата за една скијачка сезона почнуваат од месец мај и траат до декември во тековната година. Во декември веќе почнува натпреварувачката сезона и трае до почетокот на април месец.
Според тоа, може слободно да кажам дека подготовките се преку целата година. Во текот на летото имаме еден месец пауза и одмор и потоа повторно почнуваме со тренинзи.
Покрај тренинзите на ски терените имаме и суви припреми односно ја подигнуваме кондицијата во сала или на отворено.
Што се однесува до исхраната истата е строго контролирана и избалансирана, збогатена со додатоци кон исхраната, сѐ со цел да се издржат напорните тренинзи, меѓутоа и да се подготви телото за исклучително предизвикувачките временски услови на ски терените.
Имаш ли поддршка и помош од најблиските, како успеваш да направиш баланс помеѓу школски обврски и успешна спортска кариера?
Секако дека имам голема и безусловна поддршка од целото семејство. Без нивната поддршка и помош во секојдневните работи тешко е да се одговори на предизвикот да се биде врвен спортист.
Врвниот спорт бара многу ангажмани на секое поле од секој член на семејството и секој има своја улога и придонес во мојот успех. Би го издвоила мојот татко кој е и мој тренер и кој ме води и поддржува на мојот скијачки пат.
Што се однесува до училиштето и обврските за совладување на материјалот, истото засега успевам да го постигнам благодарејќи на моите соученици кои ми ги праќаат материјалите и задачите кои треба да се совладаат, како и на моите наставници кои ми даваат безрезервна поддршка на мојот спортски пат.
Наставниците имаат огромно разбирање и секогаш во договор со нив ги одработувам лекциите, тестовите и испрашувањата кои мораат да се реализираат. Заради тоа разбирање сум им бескрајно благодарна.
Колку е тешко да се успее во овој спорт? Дали е доволно развиен кај нас?
За било кој професионален спортист патот до успехот не е лесен и бара многу откажувања.
Што се однесува до скијањето би кажала дека е уште потешко бидејќи прво сме многу далеку од дома, а второ условите во кои се одвиваат тренинзите се екстремни, температурите достигнуваат до -30, -40 степени, со јаки ветришта и непредвидливи снежни услови.
Скијањето во Македонија не е спорт кој е многу застапен и кој е атрактивен меѓу младите. Поради тоа и поради фактот што сме доста оддалечени од земјите кои имаат традиција во скијањето, немаме многу скијачи кои професионално се занимаваат со овој спорт.
Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваш?
Како и претходно што наведов времето и неповолните временски услови се најчестите предизвици со кои се соочуваме на скијачките терени. Огромен предизвик е и конкуренцијата со која се сретнуваме на секоја трка како и следење на сите трендови во скијањето.
Планираш ли да продолжиш да се занимаваш професионално со скијање и да градиш спортска кариера?
Секако. Би сакала да продолжам со скијањето и да продолжам да се натпреварувам.
М. М. | Црнобело