Стефан Рајхл: „Незаинтересираноста за градење на свој стил е најчеста грешка што ја прават фотографите-почетници“
- Детали
- четврток, 23 јануари 2020
Роден ’88-ма, ден пред Нова година, во Скопје, музичкиот и концертен фотограф, Стефан Рајхл, своите тинејџерски денови ги поминал возејќи скирол низ скопските улици, слушајќи рокенрол, дружејќи се по гаражи на проби со неговите другари кои имале бендови, а во тоа време ги имало во голем број.
Редовно одел и по концерти, а долги години работел и како тренер по пливање.
„Сè се случи некако спонтано и многу брзо, во 2015-та година го купив првиот полупрофесионален апарат и тука започна цела една нова приказна во мојот живот“, се присетува Стефан Рајхл на времето кога почнал да се занимава со фотографија и да гради кариера како фотограф.
На својот Инстаграм профил @stefan.rajhl, редовно споделува дел од најдобрите моменти уловени од неговите објективи.
Стефан ја имал таа среќа уште како дете да биде опкружен со добра и квалитетна музика, благодарение на неговите родители и како тинејџер да расте во едно Скопје, кое имало доста добра и квалитетна алтернативна рок сцена.
Оние кои биле дел од легендарните свирки во „Вулкан“, знаат за што зборуваме.
„Сето тоа мое долгогодишно познавање на музиката и живеење со истата, одењето по два-три пати неделно на свирки и концерти, дружењето со истите тие луѓе и музичари, проби, гаражи, бендови итн. е пресудно за она што јас го правам денес“, констатира Стефан.
Веднаш после првиот концерт кој го фотографирал, добил понуда да биде дел од тогашниот „Nocturne Magazine“ (сега „Hardwired Magazine“), кој важи за еден од најдобрите музички портали на Балканот, кој своевремено имал и свое печатено издание.
После тоа, следен поголем чекор му била соработката со „Пасворд Продакшн“, каде почнал и посериозно да гледа и да ја изучува концертната фотографија.
Следеле поголеми концерти и фестивали, каде доста научил за тоа како функционира еден голем настан/концерт/фестивал и што е тоа што се случува зад бината. Во меѓувреме следеле соработки со многу музичари, бендови и артисти, како и ред други продукции.
„Но, најголемата пресвртница или оној пресудниот момент во таканаречената моја фотографска кариера, е соработката со една од најголемите, ако не и најголемата музичка продукција на овие простори, а тоа е „Авалон Продукција“ каде веќе трета година сум официјален фотограф“, споделува Стефан Рајхл.
Toj додава дека „Авалон Продукција“ едноставно му дале шанса и одврзани раце да го прави тоа што најдобро го знае и тоа што потсвесно го посакувал и сонувал уште како дете, да биде дел од таква голема музичка/концертна организација, да соработува и да биде официјален фотограф на едни од најголемите музички имиња, а голем дел од нив и лично да ги запознае.
„Искрено, во изминативе 5 години имам фотографирано и соработувано со премногу артисти и бендови, дури ни јас веќе не знам што сѐ имам во архива и списокот е навистина огромен, но од оние најпознатите и мене драги би ги издвоил: Sting, Lenny Kravitz, TOTO, Morrissey, Whitesnake, Al Di Meola, Texas, Ian Gillan, Bryan Ferry, Jethro Tull, Agnostic Front, Manu Chao, Zucchero, Eros Ramazzotti, Bryan Adams, Gipsy Kings, Texas и многу други…
А, од балканските: Балашевиќ, Раде Шербеџија, Горан Бреговиќ, Дарко Рундек, Електрични Оргазам, Партибрејкерс, Рамбо Амадеус, Џибони, Бајага, Забрањено Пушење, Ритам Нереда, Гоблини, Хладно Пиво, Дубиоза, Јосипа Лисац, Петар Грашо…
И нормално од домашните би ги издвоил: Каролина, Влатко Стефановски, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Тони Зен, Дани Димитровска, Фанк Шуи, Суперхикс, the Beginnings, Plutos Doubts, Smut, Hardfaced, DNK, Влатко Лозановски…“, споделува Стефан Рајхл, кој би сакала да се врати во 80-ти и 90-ти и таму би фотографирал сè она што го слуша и го обликува неговиот живот.
За време на концерти најчесто го користи Никон Д750 со 24-70 мм и вели дека најмногу за фотографија има научено од интернет, следејќи ја работата на други фотографи, од самата негова желба за поголемо знаење, од сопствените грешки и од Даниела, од погоре споменатиот магазин, која му дала само основа на неговиот почеток кога почнал да фотографира концерти и била брутално искрена на секоја негова грешка и за тоа ѝ е многу благодарен.
„Искрено, не сум размислувал да држам курсеви за фотографија и мислам така и дека ќе остане сега за сега. Но, секогаш го делам своето знаење кога и да му е потребно на некого“, споделува тој.
Стефан смета дека незаинтересираноста за градење на свој стил е најчеста грешка што ја прават фотографите-почетници.
„Концертната фотографија е доста комплицирана и воопшто не е лесно како што изгледа од страна. Прво се работи на неконтролирано светло, некогаш е одлично, некогаш е катастрофално и тоа не зависи од вас, треба да сте спремни и треба многу добро да ја познавате камерата со која работите.
Некогаш имате само 5 минути да направите цела галерија од 10-тина добри и различни фотографии на оние големи концерти што во некои ситуации е просто невозможно доколку немате пристап или не сте запознаени со самиот изведувач. Второ и доста битно е, емоцијата да ја оставите дома, бидејќи на крајот од денот вие сте таму да си ја завршите работата најпрофесионално, па макар и истиот тој изведувач да е вашиот најголем идол.
И трето, исто така доста битно е да уживате и да ја сакате музиката, да ја разбирате музиката и да го цените и да не му го нарушите тој простор што артистот го има на самата бина и зад неа“, советува Стефан Рајхл.
Тој додава и дека фотографите треба да гледаат да бидат облечени во црно, за што помалку да бидат забележани од публиката, додека се качени на бина за да фотографираат.
За повеќе информации, посетете го неговиот веб сајт: www.stefanrajhl.com
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело