Битолчанецот кој е фото модел за светски модни брендови – интервју со Александар Златановски
- Детали
- петок, 25 октомври 2019
Александар Златановски, правник по професија, но моментално модел кој работи на светски кампањи ни беше соговорник во ова кратко интервју.
Во моментов живее во Битола, а претходно 6 месеци живее и работи како модел во Сингапур и Индија.
Поразговаравме за кариерата, за тоа како се грижи за својот изглед и по нешто за неговиот приватен живот...
Како започна да работиш како модел? Какви беа реакциите на твоите најблиски?
Случајно ме откри нашата модна агенција Моделс Ин преку социјалните медиуми. И да, долго време им требаше на моите пријатели да ме убедат да се пријавам на кастинг… Ги послушав и се пријавив - ги сумиравме моите планови и Моделс Ин ме пратија на кастинг во Белград во модната агенција Фокс Модел, каде поминав на изборот и го добив првиот ангажман од светски рамки. И најважно, неизмерна поддршка добив од семејството која особено и секогаш ми значи.
За кои брендови имаш работено до сега, и кои се твоите најзначајни соработки?
Сите ангажмани и кампањи ми се подеднакво важни. Но, кога веќе ме прашавте, би ги издвоил кампањите за Емпорио Армани, Најк, Фила, Ливајс, Пума.
На што работиш моментално?
Моментално работам на својот изглед-добра форма, зошто летово си дадов издишка, па јадев малку повеќе и не вежбав, сега се подготвувам за ангажмани од светски рамки за кои очекувам потврда оваа есен.
Како изгледа еден ден на Александар?
Додека сум во Македонија, се будам најдоцна во 9 часот наутро, денот ми започнува со многу вода, мед и лимонада, секако првото кафе со цигара ми се најслатки.
Потоа одам во фитнес клуб каде што тренингот ми трае околу два часа. По тренингот јадам, одмарам, поминувам време со моите најблиски. Вечерта знам да ја искористам да одам во кино на добар филм или во театар на претстава… и легнувам најдоцна во 12 на полноќ. Освен за викендите.
Кога работам и живеам во друга земја, денот ми почнува рано наутро околу 7 часот, на сет сликам/снимам околу 8 часа, се враќам дома околу 4 попладне… подготвувам добро јадење, вежбам, јадам и си легнувам пред 12 ч., за да бидам спремен за следниот работен ден.
Колку внимаваш на исхраната?
Со оглед на професијата која ја избрав, доста внимавам. Претежно исхраната ми е сведена на овошни и зеленчукови салати се разбира вклучувајќи и месо кое е здраво подготвено.
Колку често вежбаш?
Вежбам 5 до 6 пати неделно, често знаам да правам промени во тој поглед. Еден период вежбав хардкор јога, потоа кикбокс, пливање, теретана исто така со нормални тежини.
Често ги менувам зошто брзо ми здосадува една иста рутина, а и со тоа придонесувам телото секогаш да биде „изненадено“ со што придонесувам за уште подобра форма.
Како изгледа едно снимање од светски ранг? Можеш ли да ни доловиш?
Надвор од нашите граници скоро секаде е исто, те третираат професионално на сет, покрај подготовката на фризура и шминка од врвни стилисти кои ништо не оставаат на случајност, постојано те нудат со вода, кафе, храна… точно е зацртано кога има пауза целиот тим и колку трае тоа. Облеката на мене ја подготвува и мести идеално целиот тим кој стои зад снимањето.
Кој е твојот сон? Каде се гледа Александар за 10 години од сега?
Уф, имам многу соништа… знам дека во блиска иднина би живеел во Берлин, затоа што дејствувам на тоа секојдневно и се подготвувам. Би продолжил со Моделинг, а во исто време сигурно би запишал колеџ за мултимедија и дизајн кој и тоа како е застапен во светот на модната индустрија…
Па така Алекс за 10 години себеси се гледа зад камерите и фотоапаратите, и се разбира доколку и понатаму ме служи генетиката и желбата за фит форма ќе продолжам да работам и како модел. И да, скриена желба ми е да бидам актер, па ако ме послужи доволно среќата…
Што би се случило кога би качил 10 килограми плус?
Тоа никогаш не сум го помислил. Но, не дај Боже, тогаш со сигурност би ја изгубил работата како модел и би ја работел мојата прва љубов – графички дизајн и мултимедија.
На кои три места би одвел гостин од странство во Битола?
Широк Сокак и Саат кулата, Националниот парк Пелистер и ако е летен период би го однел на некоја театарска претстава или концерт во античкиот локалитет Хераклеја.
Дали готвиш? Сподели со нас еден твој омилен рецепт...
Со оглед на тоа што сакам и морам здраво да се хранам, кога сум надвор од нашата земја готвам јас, се разбира, здрава храна. Кога сум дома во Битола благодарение на мајка ми, која е врвна во она што ми го подготвува толку вкусно и секогаш здраво, сум поштеден од обврската да готвам.
Омилен рецепт? Здрави палачинки:
Во блендер ставате три јајца, овес, мало филџанче вода и банана, се блендираат и смесата ја ставате во тефлонски сад, на подгреана плоча.
Смесата се стврднува - додека ја печете на тивко, околу 5 минути, потоа ја сервирате во сад и обично одозгора јас ја премачкувам со мед, сечкам свежо овошје (праска, јагоди или капинки…) и уживам во здравиот протеински оброк.
Што подразбираш под убава и „средена“ девојка?
Дефиницијата за убава и средена девојка хм… можеби за секого е различна, а според мои „стандарди“ тоа би било вака: облечена едноставно, бејзик стајл–тоа подразбира: добар џинс, патики, маичка и кожна јакна, средена коса и минимал мејкап доколку тоа е потребно. Пред сѐ, со себе никогаш нека не заборава да ја понесе самодовербата, зошто неа никогаш не ѝ поминува модата и секогаш е секси.
Што би ги советувал младите кои сакаат да работат како модели во животот?
Да бидат сигурни во своите квалитети и стандарди кои ги бара оваа професија. И покрај сите критики кои би ги добиле од компетентни лица, секогаш да веруваат во себе, да знаат која им е целта и никако да не се откажуваат и строго да чекорат по патот кој е трнлив до успехот.
Е. П. | Црнобело