„Мирот го пронаоѓам во немирот“ - Дора П. Узуновски, автор на романот „Синиот час“

dora popova uzinovski tovarot na minatoto go nosi sekoj od nas 4

„Иднината ја градиме врз основа на нашата сегашност и нашата сегашност е изградена врз основа на нашето минато. Единствениот начин да се ослободиме од него е да се обидеме да останеме максимално свесни за тоа што го носиме во себе и да сфатиме дека сепак тоа му припаѓа на минатото и дека нема никаква врска со сегашноста, што пак од друга страна не е лесен предизвик“, споделува Дора Поповска Узуновски, автор на романот „Синиот час“ во издание на „Матица македонска“.

Книгата „Синиот час“ зборува за Лола Карпентер, млада и славна писателка од Њујорк со остварени животни соништа. А, токму приказната го опфаќа нејзиниот живот откако ќе доживее емоционален крах по смртта на своите родители и на сопругот Ед. Мора ли секогаш да постои баланс помеѓу доброто и лошото за да може да има тек нечиј живот?

Балансот меѓу позитивното и негативното е повеќе утопија отколку реалност, иако секој човек се стреми да го постигне на ваков или онаков начин, па на прашањето дали мора да го има, би рекла дека апсолутно не мора да го има и впрочем, повеќето луѓе така и го живеат животот. Комплетно „неизбалансирани“.

Некој е повеќе во хаос, некој помалку. И точно тој хаос станува навика за човечките умови и нивна комфорна зона. Се разбира дека сето тоа има последици кои се појавуваат во различни форми за секого, но животот на секој е личен избор.

Некои луѓе сепак макотрпно работат на себе за да го постигнат тој баланс и знаат колку тој процес на растење не е лесен, затоа и условно го нареков „утопија“. Меѓутоа текот на животот си постои, таков каков што е и не прашува многу за балансот во човечките умови.

Многу луѓе откако ќе го запознаат суровото лице на животот решаваат да заминат на подолг престој на некое непознато место. Во овој случај Лола Карпентер решава да замине на еден остров во Јонското Море со цел да почувствува мир. Сега, би сакал да те прашам едно лично прашање, ако твоите ликови мирот го бараат на грчките острови, каде Дора го бара сопствениот?

Хаха, Евгениј многу добро знаеш каде да ме чепнеш. Кога станува збор за мојот сопствен мир, искрено колку и да звучи парадоксално, го наоѓам во немирот. Да, баш така. Мојот мир е во немирот.

Со мирот едноставно не знам што да правам. Навлечена сум на акција, на тоа нешто да создавам, да патувам, да работам, да пробувам нови нешта, да учам. Но, кога ептен ќе се изморам од немирот, веќе кога не можам да дишам од него, тогаш и јас, исто како Лола, мирот го наоѓам во природата.

Може да биде некаде покрај езеро или море, на планина, но каде и да сум, омиленото место ми е во прегратките на мојот сопруг Виктор. Тој има секогаш магично дејство врз мене. Отчукувањето на неговото срце има некоја посебна вибрација, која инстантно ми врзува чувство на мир и после неколку минути сум како нова.

dora popova uzinovski tovarot na minatoto go nosi sekoj od nas 1

Како дојде до насловот на романот?

„Синиот час“ ја претставува добата на самракот пред разденувањето, која меѓу уметниците и фотографите е уште позната како Син час. И токму метафората за целата фабула во романот е „Синиот час“.

Имено, Лола и Џек, емоционално се постојано во добата на самракот, со оглед на конфликтите кои се случуваат внатре во нив и кои се проектираат на нивната релација.

Тие внатрешни конфликти носат страв кој ги спречува целосно да се препуштат на љубовта, бидејќи од една страна Лола е амбициозната писателка која живеела со наметнати очекувања, и сега сака да се ослободи од нив, а од друга страна Џек е безгрижниот сурфер кој навидум успеал некогаш да побегне од очекувањата кој му биле наметнати.

Токму во таа точка тие се спојуваат, но во исто време и се одбиваат и само љубовта е таа која може да го разреши тој конфликт и да го донесе разденувањето, што и ќе се случи на крајот, откако тие ќе ги надминат предизвиците кои ќе им бидат поставени од судбината.

Кој ти беше најголем предизвик додека ја пишуваше книгата „Синиот час“?

Дефинитивно најголем предизвик беше тоа како да ѝ ја доловам на публиката поврзаноста меѓу интрапсихичките процеси кои се случуваат во една личност и интерперсоналните односи (особено кога станува збор за една љубовна релација во која влегуваат двајца навидум неспојливи ликови и карактери: славна писателка и безгрижен сурфер), а тоа да не биде оптоварувачки за неа, туку да биде интересно, разбирливо и забавно.

Затоа и романот е напишан со лесен стил на изразување, бидејќи сметам дека самата психологизација доволно го оптоварува читателот.

dora popova uzinovski tovarot na minatoto go nosi sekoj od nas 2

Дора, работите како психолог и психотерапевт, колку вашата професија ви има помогнато додека ја пишувавте книгата?

Нишката на психологијата и на психотерапијата, дише во секоја пора од моите книги и верувам дека има лековито дејство за душата на секој читател. Како што погоре веќе споменав, најмногу сакам да пишувам за тоа како интерперсоналните односи се поврзани со интраперсоналните процеси.

Како нашиот личен став кон самите себе, го одредува односот со другите луѓе и како она што го гледаме во другите е само наша проекција во нив, а која најчесто нема врска со реалноста.

Исто така посебно уживам во процесот на градењето на карактерите на ликовите, сакам да ги искомплицирам и издраматизирам, а потоа да барам начин како да излезам од компликацијата и од драмата.

Со „Синиот час“ во еден момент ми се случи да толку се заплеткам, па си реков… „Е ајде Дора, сега да видиме како ќе се отплеткаш“.

Речиси секој човек носи емотивен багаж во својот живот. Но, како да се ослободи од товарот при влегување во партнерска релација со некого?

Товарот на минатото го носи секој од нас. Тој е дел од нас, живее во нас и дише во нас. Иднината ја градиме врз основа на нашата сегашност и нашата сегашност е изградена врз основа на нашето минато.

Единствениот начин да се ослободиме од него е да се обидеме да останеме максимално свесни за тоа што го носиме во себе и да сфатиме дека сепак тоа му припаѓа на минатото и дека нема никаква врска со сегашноста, што пак од друга страна не е лесен предизвик.

dora popova uzinovski tovarot na minatoto go nosi sekoj od nas 3

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Зоран Спасов - Ѕоф, урбан скопски лик: „Скопје не би било исто без шармот на оние кои денес имаат по... „Во 2012-та дома го прогласивме Тито за светец и секој 25-ти мај ја славиме слав...
Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради... „Сама бев појдена на контрола и, искрено, не се сеќавам како стигнав до дома. Се...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg