Д-р Камелија Симеонова, психијатар за деца и адолесценти: „Кај децата често има нарушувања во исхраната и депресивни состојби“
- Детали
- четврток, 17 април 2025
„Многу често се среќавам со анксиозност или депресија кај адолесцентите. За жал, светскиот тренд на овие растројства укажува на сè почести нарушувања кај нив. И интересно е што депресијата кај младите не е баш идентична како таа кај возрасните, па најчесто родителите не се свесни за што станува збор“, вели доктор Камелија Симеонова (32) од Скопје, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија.
Д-р Камелија Симеонова (32) од Скопје, е специјалист по детска и адолесцентна психијатрија во „Аџибадем Систина“.
Пред да се приклучи на тимот на „Аџибадем Систина“ во 2021 година, д-р Симеонова работела на Универзитетската клиника за психијатрија и на Универзитетската клиника за детска хирургија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Исто така, има искуство од Институтот за судска медицина и криминалистика.
Д-р Камелија Симеонова споделува детали од својата професија за CRNOBELO.com:
Како се одлучивте токму за детска и адолесцентна психијатрија? Зошто не возрасна психијатрија?
Несомнено се двоумев помеѓу изборот на детска и адултна психијатрија, клучно за изборот на детска беше моето прво работно искуство на детска хирургија, каде што за првпат имав можност да работам со најмладите и да го почувствувам благодатот на детската насмевка.
Да работиш со деца, значи да работиш за иднината.
Кои се најчестите психијатриски нарушувања кај децата и адолесцентите што сте ги третирале?
Тоа се нарушувањата на исхраната, анксиозно-депресивни состојби, опсесивно-компулсивни нарушувања, развојни растројства на школски способности, емоционални растројства со почеток специфичен за детството, болести од первазивен спектар.
Од која возраст е возможно да се работи со деца – дали секогаш се присутни и родителите?
Кај претшколски деца секогаш се присутни родителите, додека понатаму третманот зависи од специфичната патолошка состојба.
Децата, во најголемиот број случаи ја отсликуваат семејната динамика и затоа е неопходно, работа и со родителите.
Како да го подготвите детето за градинка и училиште? Се случува деца да повраќаат со месеци кога тргнуваат во училиште на пример - сте имале ли некој ваков случај?
Одлично прашање! Па, би сакала на ова прашање да возвратам со прашање. Како вие да се подготвите за детето да појде во градинка или во училиште?
Децата го доживуваат светот преку нас возрасните, особено, во првите години од животот, располагаат со извонредна имитаторна интелигенција, па не е случајно доколку сме и ние загрижени за овој почеток тоа да им го пресликаме на нив.
Затоа, секогаш важно е најпрво да бидеме спремни ние за овој тип на сепарација и доколку се пронајдеме дека не сме баш најуспешни во тој процес не е ниту срамота ниту невообичаено да се побара помош.
Совет при појава на љубомора кај постарото дете, по раѓањето на бебе?
Најпрво се чувствувам должна да ја објаснам оваа динамика. Раѓањето на „sibling“ (братче/сестра) позиција претставува акцидентална криза во развојот на првото дете.
Детето сè уште не располага со развиено причинско-последично мислење за да умее да ја разбере убавината на добивањето на братче/сестра, туку она што го доживува моментално е како некое бебе ја „краде“ неговата мајка.
И затоа, имајќи го ова на ум, колку и природно да ни доаѓа да го караме детето кога се бунтува и јавува тантруми или некое слично однесување што не ни се допаѓа - треба да му бидеме емоционална поддршка, да му укажеме дека сочувствуваме со него и дека мама и тато се секогаш тука за него…
Она што можеби културолошки го правиме „Ти си поголем/а“, Треба да му направиш/ треба да дадеш/ треба да разбереш, да ја преурамите уважувајќи го детето дека да се биде поголем/а не значи само одговорност и трпение, туку има и многу бенефити.
Бенефити од типот на тоа дека на пример поголемото дете го прашувате каква играчка треба да земеме за помалото, каква постелнина мислиш дека би била добра за твоето братче или сестричка и низа други секојдневни вклучувања со коешто постарото дете ќе се чувствува уважено и разбрано.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





